„Откако призна дека не се ‘нула денари’, Мицкоски веднаш да ги објави сите исплати, за граѓаните коишто платија 5 милиони евра нивни пари да знаат кој и колку пари добил и за што“, рече портпаролката и членка на ИО на СДСМ
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека не ја говори вистината кога тврди дека прославата на Денот на независноста ги чинела граѓаните нула денари, а демант на неговите наводи, велат од партијата, вчера стигнал и од портпаролката на Владата.

Според СДСМ, Владата признала дека за настаните организирани во рамките на прославата на 35 години независност биле потрошени над пет милиони евра, со што, како што наведуваат оттаму, се потврдило она што го говорел претседателот на опозициската партија, Венко Филипче.
Ставот на социјалдемократите на прес-конференција го пренесе портпаролката и членка на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ, Богданка Кузеска. Според нејзината изјава, од партијата не отстапуваат од тврдењето дека парите обезбедени од АД Државна лотарија се народни пари бидејќи, како што рече портпаролката, Лотарија е 100 проценти во државна компанија.
„Преку АД Државна лотарија, која е 100 проценти државна компанија, се потрошени над 5 милиони евра се, а никој не знае каде и за што. Откако призна дека не се ‘нула денари’, туку над 5 милиони евра, Мицкоски сега треба да излезе и јавно да објави каде завршија парите на граѓаните. Кои компании добиле милиони евра народни пари, врз основа на кои критериуми? Како била избрана комисијата од три члена во АД Лотарија која требала да одлучува за избор на фирма за прославата? Особено што претседателот таа комисија се јавува и како автор на оркестрациите и аранжманите на концертот. Врз основа на кои критериуми се договарани фирми ќерки да добијат милиони евра народни пари преку Државна лотарија? Колку милиони евра се потрошени за провизии и проценти?“,
рече Кузеска.
Таа, како и претседателот на СДСМ вчера, кажа дека во случајот станува збор за една голема проневера на пари и обвини дека тоа е концептот на владеење на премиерот Мицкоски и неговата партијата ВМРО-ДПМНЕ, која социјалдемократите ја нарекуваат организирана криминална група.
Кузеска обвини дека додека власта манипулира со граѓаните дека прославата чинела нула денари и се кријат информации, милионски суми завршиле во нечии џебови.
„Мицкоски веднаш да ги објави сите исплати, за граѓаните коишто платија 5 милиони евра нивни пари да знаат кој, колку пари добил и за што“,
рече портпаролката и членка на ИО на СДСМ.
Инаку, вчера на прес-конференција владината портпаролка на членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, соопшти дека целокупната прослава на Денот на независноста, која опфати поголем број настани кои траеја речиси еден месец, а кулминираа со настапот на францускиот диџеј и продуцент Дејвид Гета на Националната арена „Тодор Проески“, чинела 340 милиони денари, или околу 5,5 милиони евра.
Како што наведе таа, главнината, односно 300 милиони денари за прославата биле обезбедени од нераспределената добивка на Лотарија предвидена за 2024 година, а не средства од државниот буџет.
Преостанатите 40 милиони денари од вкупната финансиска конструкција за прославата, рече Митева, биле обезбедени од општествено одговорни компании кои се приклучиле кон реализацијата на настаните.
Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, кој присуствуваше на прес-конференцијата, говорејќи во истиот контекст, рече дека компанијата со која раководи е посебен правен субјект и оти парите што биле дадени за прославата како нераспределени средства од добивка се нејзини пари, а не буџетски.
„Ова спонзорство е дадено, односно овие средства се обезбедени по основ на Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Се работи за средства од 300 милиони денари коишто беа на ставката на нераспределена добивка и беа пари на самата компанија, која е посебен правен ентитет со посебен правен субјективитет, издвоен од субјективитетот на Владата или на било кои други институции. Тоа што Владата се јавува како основач на компанијата тоа е во нејзиниот статус на акционер. Значи тие пари не се буџетски пари“,
кажа Климовски.
