Работните тимови на Мосад, на Шин бет (израелската безбедносна агенција), на разузнавачкиот оддел на израелските одбранбени сили (ИДФ) и тимот на генерал-мајор Ницан Алон останале во главниот град на Катар, пренесува „Гардијан“
Израелските медиуми јавуваат дека шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Давид Барнеа, го напуштил главниот град на Катар, Доха, по разговорите за потенцијален прекин на огнот и договор за ослободување на заложници помеѓу Израел и Хамас, пренесува „Гардијан“.
Нови преговори за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците што ги држи Хамас почнаа вчера во Доха, пренесе германската новинска агенција ДПА.
Израелски Кан њуз, на кого се повикува британскиот весник, објавил дека според високи извори, разговорите што израелската делегација ги водела до денеска во Катар биле позитивни, но оти очекува преговорите да бидат долги, тешки и сложени.
Изворот додал дека шефот на Мосад во текот на ноќта разговарал со катарскиот и египетскиот посредник во преговорите, а утрово се вратил во Израел на дополнителни средби и разговори, односно консултации.
Работните тимови на Мосад, на Шин бет (израелската безбедносна агенција), на разузнавачкиот оддел на израелските одбранбени сили (ИДФ) и тимот на генерал-мајор Ницан Алон останале во Доха.
Целта на преговорите во Катар, велат информациите, е да се постигне договор за шестнеделна пауза на борбите во Газа и ослободување на заложници што ги држи Хамас – претежно жени, деца и повозрасни лица во замена за палестински затвореници во Израел.
Втората фаза од преговорите, пак, треба да вклучи ослободување на машки цивилни и воени заложници.
Израелските власти веруваат дека Хамас и други исламистички групи во Газа сè уште држат околу 134 луѓе во Појасот, кои беа киднапирани за време на нападот на милитантната група на Израел на 7 октомври, лани. Нападот беше повод Израел да почне со воздушна и копнена офанзива насочена против Хамас во Газа, во која досега животите ги загубија десетици илјади цивили.
Инаку, како што пренесува „Гардијан“, не е познато колку од заложниците што ги држи Хамас се сè уште живи.
За неделава се најавени и посети на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Саудиска Арабија и на Египет каде ќе има средби со лидерите на овие земји на кои се очекува да се разговара и за напорите за постигнување итен договор зас прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, пренесе Си-ен-ен повикувајќи се на Стејт департментот.
Блинкен се надева дека сепак ќе биде договрен прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Договорот, исто така, ќе обезбеди „засилени меѓународни напори за зголемување на хуманитарната помош за Газа и координација за постконфликтно планирање за Газа, вклучително и обезбедување дека Хамас повеќе нема да може да управува или да ги повторува нападите од 7-ми октомври“,
соопштија од Стејт департментот.
Блинкен, исто така, планира да разговара за тоа како да се стави крај на нападите на хутите врз трговските бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив.