Според доказите, како што информира Обвинителството, обезбедени од искази од вработени лица во М-НАВ и од оштетеното лице, како и од извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во дадениот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од Меѓународната агенција Еуроконтрол, не се посочува дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај, па затоа, како што велат од Обвинителството, не опстојува кривичното дело -загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, за што првично беше поведена истрага
Седумтемина обвинети за упадот во Македонската навигација (М-НАВ) на Меѓународниот аеродром „Скопје“ на 4 јануари годинава добија условни казни од Кривичниот суд, велат од Обвинителството.

На шестмина од нив за сторено кривично дело – спречување службени лице во вршење службено дејствие им е изречена алтернативна мерка, односно условна осуда или казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши ако во рок од една и пол година по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
За седмиот обвинет кој, како што велат од Обвинителството, презел потешки дејствија да го попречи службеното лице и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена му е условна осуда со заштитен надзор, односно казна затвор во траење на две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Судот на тој обвинет му одредел и други обврски кои, како што велат од Обвинителството, ќе бидат предмет за заштитен надзор.
Постапката за осмиот осомничен е запрена, како што се наведува во соопштението од Обвинителството, зашто тој не учествувал во дејствијата на спречување на службеното лице да ги врши работите.
„Соочени со доказите за ова кривично дело, обвинетите изразија подготвеност да склучат предлог-спогодба со Обвинителството и да ја прифатат осудителната пресуда. При одмерување на определените санкции беа ценети сите околности и дејствијата на секој од осомничените во предметот поединечно, отсуството на трајна последица, како и судската пракса за осуди за вакви кривични дела“,
велат од Обвинителството.
Според доказите, како што информира Обвинителството, обезбедени од искази од вработени лица во М-НАВ и од оштетеното лице, како и од извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во дадениот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол, не се посочува дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај, па затоа, како што велат од Обвинителството, не опстојува кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, за што првично беше поведена истрага.
„Од видео материјалот прибавен во истрагата и исказите на оштетениот и сведоците произлегува дека единствено се исполнети обележјата на кривичното дело – спречување на службено лице во вршење службено дејствие и тоа согласно ставот 3, за кој е предвидена казна затвор од 3 месеци до 5 години. Од тие причини, надлежниот јавен обвинител побара и доби согласност од Вишото јавно обвинителство Скопје за промена на правната квалификација под која се водеше досегашната постапка“,
пишува во соопштението од Обвинителството.
Обвинетите, како што се вели во соопштението, откако влегле во објектот на М-НАВ, спротивно на одредбите од Правилникот за редот и дисциплината на вработените во навигациското тело, започнале насилнички и навредливо да се однесуваат кон оштетениот вработен.
„Настанала расправија и турканица помеѓу обвинетите и оштетениот, при што во еден момент еден од обвинетите му удрил шлаканица во пределот на лицето на оштетениот. По настанот, сите го напуштиле објектот на М-НАВ, оштетениот не се вратил на работното место и на тој начин со нивните дејствија обвинетите го спречиле оштетениот во вршење на своите професионални задачи, како контролор на летање на давање услуги на воздухопловна навигација“,
соопштија од Обвинителството.
Инцидентот кој се случи на 4 јануари годинава, според пријавата, која во МВР стигнала од вработен во македонската навигација, гласи дека тројца вработени во М-НАВ биле нападнати од свој колега и од уште неколку други непознати лица.
Четири лица кратко по инцидентот се најдоа во полициска станица, а потоа беа во куќен притвор, додека преостанатите четворица беа во бегство и полицијата трагаше по нив по распишана интерна потерница.
Меѓу четворицата за кои Судот му определи мерка домашен притвор беше и Беким Незири, ексминистер, актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ.
Нему и на уште еден од осомничените – Алмир Рамдедовиќ им беше укината мерка куќен притвор од Апелацискиот суд Скопје откако двајцата се жалеа на одлуките на Кривичен.
Настанот предизвика бура реакции во јавноста и беше повод за вонредни контроли во оваа државна институција.