Пациентот е на 76-годишна возраст и е жител на Скопје. Не патувал надвор од државата. Веќе една недела е сместен на Одделот за интензивна нега
Другите шестмина хоспитализирани пациенти се постари од 60 години и се наоѓаат во стабилна состојба. Само еден од нив претходно престојувал во соседна Грција
Седуммина пациенти со потврдена западнонилска треска се лекуваат на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а еден од нив се наоѓа во тешка здравствена состојба и е на респираторна поддршка, соопшти денеска директорот на Клиниката, Фадил Цана.

„Пациентот е на 76-годишна возраст и е жител на Скопје. Не патувал надвор од државата. Веќе една недела е сместен на Одделот за интензивна нега“,
вели тој.
Другите шестмина хоспитализирани пациенти се постари од 60 години и се наоѓаат во стабилна состојба. Само еден од нив претходно престојувал во соседна Грција.
„Кај сите пациенти е дијагностицирано вирусно воспаление на мозокот и на мозочните обвивки“,
кажа д-р Цана.
Како најчести симптоми на болеста, ги посочи високата температура, силната главоболка, дезориентираноста и нарушената свест.
Западнонилската треска се пренесува преку каснување од инфициран комарец.
Периодот на инкубација трае од три до 14 дена, а поголемиот дел од заразените инфекцијата ја поминуваат без симптоми или со лесна клиничка слика.
За епидемиологот и професор Драган Даниловски осумте регистрирани случаи на западнонилска треска годинава во земјава се видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“.
Посочи дека тоа што во осумте случаи сите имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, може погрешно да се протолкува дека западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени, што не е така.
Според него, aсимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како западнонилска треска.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека годинава во Македонија се регистрирани осум случаи на западнонилска треска, четири на маларија, три на денга и еден со зика.
Од осумте случаи на западнонилската треска, два се од јуни, а другите се актуелни во моментот, по што е направена дополнителна дезинсекција како стандардна епидемиолошка постапка.
Министерот за здравство Сашо Клековски кажа дека се комуницира и со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за следење на комарците.
