Кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми, вели епидмиологот Драган Даниловски

За епидемиологот и професор Драган Даниловски осумте регистрирани случаи на западнонилска треска годинава во земјава се видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Тој посочува дека aсимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како западнонилска треска.
„Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори. Кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми. Кај приближно 20 проценти се јавува фебрилна болест, најчесто со релативно лесен тек. Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет. Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како западнонилска треска“,
објаснува Даниловски.
Тој вели дека тоа што во осумте случаи „сите имале тешка, невроинвазивна форма на болеста“, може погрешно да се протолкува дека западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени, што не е така.
„Од особено епидемиолошко значење е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони. Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението. Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди. Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“,
заклучува Даниловски.
Вчера Министерството за здравство објави дека годинава во Македонија се регистрирани 8 случаи на западнонилска треска, 4 на маларија, 3 на денга и 1 со зика.
Од осумте случаи на западнонилската треска, два се од јуни, а другите се актуелни во моментот, по што е направена дополнителна дезинсекција како стандардна епидемиолошка постапка.
Од лани во програмата на Институтот за трансфузиона медицина е предвидено и стандардно тестирање на крвта и за вирусот на западнонилска треска од април до октомври, за да се избегне евентуална трансмисија преку дарување на крв.
Министерот за здравство Сашо Клековски кажа дека се комуницира и со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за следење на комарците.
