Еден од случаите со западнонилска треска одбил дезинсекција во радиус од 200 метри од неговото место на живеење, иако се работи за стандардна епидемиолошка постапка
Повик до луѓето што патуваат во Африка и Индискиот Океан, особено на Занзибар и Малдиви, да ги следат препораки на СЗО за потребата за вакцинација и профилакса, кажа министерот за здравство Сашо Клековски

Во Македонија годинава се регистрирани четири случаи на маларија, три на денга, еден на зика и осум на западнонилска треска, кажа на денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски.
Иако сите се пренесуваат со комарци, тие имаат различно потекло. За оние со маларија, денга и зика, Клековски посочи дека се „увезени“, додека за западнонилската треска се локални случаи.
„Зиката има негативно влијание на бремени жени, денгата е хеморагична грозница, треба претпазливост, за маларијата има информација дека во тешки облици може да биде и смртоносна. Повик до луѓето што патуваат во Африка и Индискиот Океан, особено на Занзибар и Малдиви, да ги следат препораки на СЗО за потребата за вакцинација и профилакса. Во Центарот за јавно здравје Скопје и во соодветните центри ги има соодветните препораки и профилакси. Иако процентите се многу мали, потребни е луѓето да ги преземат мерките на претпазливост и дополнително да предупредиме до матичните лекари и до инфектолозите, задолжително да земаат предвид во анамнезата и патување во Африка и во регионот на Индискиот Океан. Клучно за овие е заштитата и раната интервенција“,
кажа Клековски.
Од осумте случаи на западнонилската треска, два се од јуни, а другите се актуелни во моментот.
„Еден е поврзан со Грција, други сите се на возраст 60-70, претпоставуваме дека се локални случаи. Во моментот е издадена насока до ДСЗИ да ги исконтролира стадиумите на дезинсекција во општините и според контролите, сите значајни општини се со завршена програма на дезинсекција. Случаите се Велес и Скопје, условно да кажам Повардарие. Постапено е епидемиолошки, кај седум од случаите извршена е дополнителна дезинсекција во радиус од 200 метри од нивното место на живеење, што е стандардна епидемиолошка постапка, еден одбил да се изврши во неговиот круг“,
рече министерот.
На новинарско прашање, како може поединец да одбие дезинсекција, Клековски дообјасни дека тоа се постапки кои ги прават центрите за јавно здравје, а за влегување на приватен имот треба налог.
„Во моментот тој налог бил недостапен и се прави на доброволна основа, ќе го искомуницираме тој случај понатаму со Центарот за јавно здравје. Тоа е во Скопско“,
рече Клековски и посочи дека во 80 отсто од случаите на западнонилска треска нема симптоми.
Од лани во програмата на Институтот за трансфузиона медицина е предвидено и стандардно тестирање на крвта и за вирусот на западнонилска треска, како стандардно тестирање од април до октомври, за да се избегне евентуална трансмисија преку дарување на крв.
„Од минатата година имаме гаранција дека нема да има трансмисија на овој вирус преку крв“,
посочи Клековски.
Министерот вели дека се комуницира и со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за следење на комарците.
„Би препорачал внимателност во личната заштита од комарци, посебно покрај застоени води – бари, мочуришта и слично. Во комуникација сме со сите соодветни структури и ја следиме состојбата“,
заклучи Клековски.
