Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, на барање на ЈП „Национални шуми“, ја отповика забраната за движење во шума и шумско земјиште со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“, донесена на 16 април 2020 година.
„Со промената на временските услови и пролетното развивање на вегетацијата, се намали опасноста од појава на пожари на отворено и поради новосоздадените услови Министерството за земјоделство, на барање на ЈП „Национални шуми“, ја укинува забраната за движење во шума и шумско земјиште. Решението за укинување на забраната за движење во шума и шумско земјиште стапува во сила од утре, 24 април 2020“,
соопштија од Министерството.
Сепак, се нагласува дека „Национални шуми“ ќе продолжат и понатаму да ја следат состојбата со шумите и движењето на граѓаните и ако се процени дека повторно се создале услови за ризик од шумски пожари, забраната повторно ќе се воведе.
„Ги потсетуваме сите граѓани дека согласно член 46 од Законот за земјоделско земјиште и член 23 од Законот за ловство, забрането е палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште, како превентивна мерка за заштита од појава на пожари на отворен простор“,
потсетуваат од Министерството.
Оттаму апелираат граѓаните да се однесуваат одговорно додека се движат низ шума, да се грижат за природата, да не фрлаат догорчиња и запаливи материи со што ќе придонесат за зачувување на животната средина.