Поради зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на ЈП „Национални шуми“, од утре воведува забрана за движење во шума и на шумско земјиште од 6 до 20 часот. Забраната ќе трае се до нејзино отповикување, соопштија од Владата.
Оваа забрана не важи за вработените во ЈП „Национални шуми“ и оние што вршат шумско-културни активности на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“, како и за лицата кои имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“.
Глобите за непочитување на оваа забрана за физички лица, согласно член 106 од Законот за шумите, се од 1 500 до 2 000 евра во денарска противвредност.
Исто така, се забранува палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита од појава на пожари на отворен простор.
За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1 500 до 3 000 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице согласно член 79 од Законот за ловството.