Упати и повик до поканетите учесници да го потврдат своето присуство, со цел расправата да продолжи и да резултира со конкретни заклучоци
Оцени дека состојбата е загрижувачка затоа што и по повеќе од една година од донесувањето на Законот нема суштински напредок во неговата примена
Пратеничката од редовите на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната прес-конференција во Собранието соопшти дека денешната надзорна расправа за примената на Законот за употреба на македонскиот јазик започна по иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Целта на расправата, како што посочи, е да се утврдат причините за, како што наведе, нефункционирањето на законот и пропустите во неговата имплементација.

Според неа, иницијативата е поднесена на 23 март, но поради одложувања од страна на надлежните институции, расправата се одржува дури денеска, наместо во мај, како што било првично предвидено.
„На 23 март поднесовме иницијатива за потреба од одржување на надзорна расправа затоа што се сомневавме во нефункционирање и тоа, со жал можам да кажам, целосно нефункционирање на Законот за употреба на македонски јазик донесен во јануари 2024 година. На 7 април Комисијата за култура како матично тело и надлежно тело за одржување и организирање на оваа надзорна расправа одржа подготвителен состанок којшто одлучи на 6 мај да се одржи надзорната расправа во однос на Законот за употреба на македонски јазик. Како што гледате, денеска сме 6 јули и дури денес е првиот ден од надзорната расправа во однос на неупотребата на овој закон“,
рече таа.
И покрај донесувањето на законот, како што додаде, клучните одредби сè уште не се спроведуваат во пракса, со исклучок на именувањето директор на надлежната институција.
Посочи дека во Министерството за култура неодамна се вработени двајца инспектори, но тие допрва треба да поминат обука пред да започнат со надзор на примената на законот.
„Зошто ја поднесовме оваа иницијатива за надзорна расправа? Затоа што можам да ви ги прочитам сите членови по однос на кои не се постапува, меѓутоа тоа значи дека треба да ви го прочитам целиот Закон. Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци после донесување на Законот, ништо друго по однос на овој Закон не функционира. Видовме два инспектори коишто се вработени пред половина месец во самото Министерство за култура, што треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да можат да прават надзор“,
вели пратеничката.
На расправата додаде дека се поканети претставници на надлежните институции, академската заедница, стручната јавност и медиумите, со цел да се утврдат причините за застојот и одговорноста за неспроведувањето на законот.
Упати и повик до поканетите учесници да го потврдат своето присуство, со цел расправата да продолжи и да резултира со конкретни заклучоци.
„Дозволете ми денес да ја искористам оваа прес-конференција, да апелирам до сите овие имиња да го потврдат своето присуство за да можеме надзорната расправа да ја заклучиме после вториот ден кој ќе го определиме заедно се надевам повторно со комисијата, за да можеме да придонесеме овој Закон да профункционира“,
кажа таа.
Според неа, Законот е донесен по едногодишна јавна расправа и со широк политички консензус, поради што институциите имаат обврска целосно да го спроведуваат.
„Овој Закон е донесен по една година јавни расправи и со консензус во Собранието во јануари 2024 година и не заслужува ваков третман. Треба да функционира и да се спроведуваат предвидените мерки“,
изјави Костадиновска-Стојчевска.
Потсети дека, според претходни најави од надлежните институции, со примената на Законот требало да се зголеми интересот за студирање македонски јазик, да се вработат лектори во институциите, издавачките куќи и медиумите, како и да се зајакне функционирањето на Инспекторатот за македонски јазик.
Оцени дека состојбата е загрижувачка затоа што и по повеќе од една година од донесувањето на Законот нема суштински напредок во неговата примена.
„Нема да речам да се продолжи да се имплементира, туку да се имплементира, бидејќи нема никакво поместување во однос на законот и неговите одредби по однос на неговото носење“,
вели пратеничката.
Законот за употребата на македонскиот јазик е донесен во јануари 2024 година по јавна расправа и со поддршка во Собранието.
Колку и како се спроведува Законот за македонскиот јазик е прашање што изминатиот период гласно одекна во јавноста откако претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, поднесе оставка од функцијата.
Таа, иако првично не сакаше да коментира за причините за оставката, јавно одлучи да проговори по изјавата на министерот за култура Зоран Љутков, кој посочи дека оставката е поднесена од лични причини.
„Главната причина за оставката е односот на министерот за култура и туризам и државниот секретар во Министерството за култура и туризам. Последната капка што ја прелеа чашата беше забраната јавно да ги кажам забелешките на јавната расправа за Националната стратегија за културата коишто се однесуваат на делот за македонскиот јазик“,
вели Симона Груевска-Маџоска, универзитетска професорка и поранешна претседателка на Советот за македонски јазик.
Но, освен забелешката дека државата не покажува интерес за Стратегијата, Груевска-Маџоска е критична кон волјата на властите да ги спроведат и другите аспекти од Законот. На пример, ставањето во функција на Инспекторатот за македонски јазик, кој повеќе од една година има само директор.
