На прсти се бројат институциите кои имаат вработени лектори, иако Законот за употреба на македонскиот јазик е во сила од 2024 година. Владата, на пример, има вработено еден лектор, но во соопштенијата на официјалната веб-страница се забележуваат јазични грешки. Нашата проверка „улови“ грешки и во објавите на опозициската СДСМ, како и во судските пресуди
За неупотреба на македонскиот стандарден јазик на јавни настани платени од Буџетот, објавување нелекторирани текстови, емитување програма со нелекторирано титлување или синхронизација, објава на нелекториран рекламен материјал, предвидени се казни до 3 000 евра. Но нема кој да ги изрече, бидејќи сè уште не функционира ниту Инспекторатот за македонски јазик
Како треба да се употребува македонскиот јазик, е прашање што земјава го има уредено со закон од 1998 година. Во 2024 година стапи во сила нов закон за истата проблематика. Со него се предвидоа повеќе механизми за почитување на стандардната јазична норма. Еден од нив беше да се лекторира секој службен текст на законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците и медиумите.
Оваа обврска ни беше и најподатлива за почетокот на нашето мини истражување – како и колку се спроведува законот во практика. Ги проверивме извршната и судската власт, но и опозицијата.
СДСМ неодамна одржа тематска прес-конференција за непочитувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик.
„Вака најмногу ми паѓа во очи несоодветната употреба на малата и големата буква. На пример, еве, Законот за употреба на македонскиот јазик, бидејќи тој закон е веќе донесен, усвоен, би требало да биде со голема почетна буква, а придавката ‘македонски’ со мала. Гледаме дека се провлекува тоа со голема, а нема таква потреба. Исто така, името на Собранието го пишуваме со голема почетна буква. Тоа, нели, не е тука случај“,
вели Љупка Евроска, лиценцирана лекторка.

360°: Ова соопштение пред да биде објавено поминало низ лекторски очи или не?
„Мојот впечаток е дека не. Често знаат моите колеги да речат – дури и лоша лектура е лектура. Има голем број недоследности. Како од правописно, на лексичко, па дури и на синтаксичко рамниште (на ниво на реченицата)“,
вели Евроска.

Следна за проверка ни беше власта. Поточно, анализиравме соопштенија на Владата, која би требало да има далеку поголеми капацитети од една политичка партија. Нашиот избор беше настан на кој премиерот Христијан Мицкоски зборува за изборот на локација за нов клинички центар.
360°: Насловот го одминавме, можеби имаше забелешки?
„Да видиме… Да, има. Многу често кога читаме текстови, тоа не може да се забележи во говорен јазик, има правописни и интерпункциски грешки – од запирки, се употребува цртичка наместо црта и обратно. Еве, тука воочливи во насловот се наводниците. Значи има влезни, нема излезни, тоа е, претпоставувам, од брзање, невнимание. Но, исто така, името на базенот, на болницата и на поликлиниката соодветно, би требало да биде во наводници – ‘Букурешт’“
посочува Евроска.

Грешки откривме и при употребата на цртичката, како и во т.н. полунаводници кои се употребуваат при цитирање.
„’ПЕТ-центарот’ би требало да биде со цртичка, ‘камен-темелник’ исто со цртичка, бидејќи ‘камен’ е атрибут на именката ‘темелник‘.“
360°: Ова не прашав – лекторирано е соопштениево од Владата?
„Да бидам искрена, не сум сигурна. Не можам да кажам дека не е, ама според мене не личи ни дека е“,
додава Евроска.

Од судската власт лекториравме соопштенија на Врховниот, апелациски и основен суд. По случаен избор како пример ни послужи пресуда од битолска Апелација. Дилемата се појави уште на почетокот..
„Тука ми е интересно, и верувам дека голем дел од колегите би се согласиле, околу името на судот, секогаш таа наставка со -ион(ен), ‘апелационен’, би требало да биде ‘апелациски’. Овде веќе станува збор за друг стил, не е новинарски туку административен, судски потстил, кој си има свој карактеристичен јазик. За административниот стил, тоа особено го гледаме низ искуството, формата ‘огласен е за’, наместо ‘е огласен за (виновен)’ или, на пример, ‘изречена му е санкција’, би требало да биде ‘му е изречна санкција’. Тоа е повеќе во духот на македонскиот јазик, а сè помалку го гледаме во практиката. Бидејќи ме праша за претходните текстови дали се лекторирани, за пресудава, исто, не сум сигурна“,
порачува Евроска.

Па до трите адреси се обративме со прашање – дали имаат вработено лектор?
Од СДСМ не добивме одговор. Од Владата информираа дека имаат вработено еден лектор. Од Апелацискиот суд – Битола одговорија дека немаат.
Ангажирањето лектори во јавните институции не е прашање на избор, туку е задолжително со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Претседателката на Здружението на лекторите, Елизабета Бандиловска, вели дека и покрај законската обврска, на терен сè си е по старо.
„Вработувањата на лекторите повеќе ги нема отколку што ги има. Значи, мал е бројот на институциите коишто во меѓувреме вработија лектор, почнувајќи, нели, од судската, законодавната, извршната власт, да не зборуваме за институциите коишто се дел од културата – нели музеи, библиотеки, други јавни институции коишто се буџетски корисници, факултетите – сите коишто по закон треба да вработат или да ангажираат лектор. Знаеме дека и претходно постоеше закон за употребата на македонскиот јазик, но остана само на хартија. Впечатокот е дека сега и овој нов закон некако така се провлекува, повеќе декларативно“,
вели Елизабета Бандиловска, универзитетска професорка и претседателка на Здружението на лекторите.

Здружението брои околу 140 лектори, но нема прецизни податоци колку од нив успеале да се вработат во последниве две години откако законот е во сила.
„Дел од нив се вработени во медиумите. Помал дел, да речеме, еден до двајца лектори имаме во Централен регистар, во Министерството за култура еден лектор, колку што знам, Институтот за македонски јазик… немам информација дали во Владата има лектор. Министерството за образование и наука мислам дека нема лектор. Знам дека Општина Кочани има вработен лектор. Во училиштата има лектори коишто се наставници коишто го предаваат македонскиот јазик и истовремено се лектори, па претпоставувам дека се ангажирани за лекторирање на текстови и документи коишто одат во официјална комуникација. Во медиумите има.“
360°: Ќе згрешам ако кажам дека на прсти се бројат институциите?
„На прсти се бројат институциите коишто имаат вработено лектор“,
додава Бандиловска.
Колку и како се спроведува Законот за македонскиот јазик е прашање кое изминатиот период гласно одекна во јавноста откако претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, поднесе оставка од функцијата.
Таа, иако првично не сакаше да коментира за причините за оставката, јавно одлучи да проговори по изјавата на министерот за култура Зоран Љутков, кој посочи дека оставката била поднесена од лични причини.
„Главната причина за оставката е односот на министерот за култура и туризам и државниот секретар во Министерството за култура и туризам. Последната капка што ја прелеа чашата беше забраната јавно да ги кажам забелешките на јавната расправа за Националната стратегија за културата коишто се однесуваат на делот за македонскиот јазик“,
вели Симона Груевска-Маџоска, универзитетска професорка и поранешна претседателка на Советот за македонски јазик.

Забелешките, како што вели Груевска-Маџоска, биле поврзани со Националната стратегија за македонски јазик која по првпат се подготвува и е предвидена со новиот закон. Но и во овој дел, како што вели, наишла на незаинтересираност од надлежното министерство.
„Значи Националната стратегија има рок на изработка до крајот на октомври оваа година. Значи, немавме многу време, исто така немавме ни техничка помош ниту консултанти за изработка на оваа национална стратегија, што не е случај со другите национални стратегии, како што ми беше кажано. Самите од работната група почнавме да ја правиме, меѓутоа логистички јас немав ни за тој дел никаква помош, па од членот што беше поставен, делегиран од Министерството за култура што е во работната група, немав апсолутно никаква помош, па дури и записниците си ги пишував сама откако ќе заврши состанокот“,
порачува Груевска-Маџоска.
Но, освен забелешката дека државата не покажува интерес за Стратегијата, Груевска-Маџоска е критична кон волјата на властите да ги спроведат и другите аспекти од Законот. На пример, ставањето во функција на Инспекторатот за македонски јазик, кој повеќе од една година има само директор.
„Како што знам јас од директорката, уште ланската година се побарани 12 места за инспектори од Министерството за финансии, била одбиена. Потоа намалила на осум места, повторно била одбиена и сега се добиени пет места за инспектори. А, инспекторите кога ќе се вработат, треба да поминат една година обука по вработувањето. Тоа значи дека уште една година нема да може да се врши инспекциски надзор“,
порачува Груевска-Маџоска.
Инспекторатот за македонски јазик е формиран како ново тело врз основа на Законот за употреба на македонскиот јазик од 2024 година. Директорката Менче Андреева е назначена на чело на институцијата минатата година. Таа не се согласува со тезата дека ништо не се прави во однос на спроведувањето на Законот. За најгорливиот проблем, вработувањето на инспекторите, вели дека треба да се земе предвид изборниот период.
„Во оваа година мораме да го предвидиме и периодот на избори, кога не можевме да вработуваме инспектори. Значи, имавме на располагање само неколку месеци, а за тие неколку месеци ние успеавме, нели, еве да добиеме согласност и да започнеме со постапката за вработување во моментов на петмина инспектори. Секако, во иднина постапката ќе продолжи и бројката ќе се зголемува“,
вели Менче Андреева, директорка на Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик.
360°: Зошто само пет инспектори за почеток? Министерството за финансии не сакаше да даде согласност за повеќе?
„Па, ние во последното барање толку побаравме. Значи, побаравме вработување на петмина инспектори и таа согласност веќе ја имаме. Во иднина, секако, постапката реков дека ќе продолжи и бројката ќе се зголемува и во иднина.“
360°: Кога очекувате да почнат со работа инспекторите?
„Така. Значи, откако ќе помине постапката за вработување, тие ќе бидат официјално вработени во Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик како инспектори по македонски јазик. Една година од денот на нивното вработување, тие ќе треба да посетуваат практична обука и обука за усовршување на нивните знаења. Понатаму, по завршувањето на обуката, односно после една година, во рок од три месеци тие имаат законска обврска да го полагаат испитот за инспектори и да се стекнат со лиценца за инспектор“,
вели Андреева.

Во однос на проблемот со ангажирањето лектори во институциите, Андреева потврдува дека најголем дел од нив немаат. Но, додава, има сè повеќе институции кои ја менуваат систематизацијата со која се предвидува и работно место лектор.
„Институциите треба да го почитуваат законот и препораката од моја страна е овој временски период да го искористат за да можат да го испочитуваат законот, да вработат лектори, да ги лекторираат своите акти и оние документи коишто се меѓуинституционални, и оние документи коишто ќе ги објавуваат на своите веб-страници. Така што, едноставно, мојата порака е да го почитуваат Законот за употреба на македонскиот јазик.“
360°: Предвидени се и казнени одредби. Колку се движат казните и кој ќе ги спроведе, кој ќе ги казни институциите?
„Така. Па, Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик е тој којшто треба да го спроведе законот и секако да постапи според Законот за употреба на македонскиот јазик и да ги казни онака како што се предвидени казните“,
додава Андреева.
Во Законот се предвидени парични казни до 3 000 евра, зависно дали станува збор за физичко или правно лице, па и од видот на прекршокот. А, дел од прекршоците се: неупотреба на македонскиот стандарден јазик на јавни настани платени од Буџетот, објавување нелекторирани текстови, емитување програма со нелекторирано титлување или синхронизација, објава на нелекториран рекламен материјал.

Имајќи предвид дека дури и Владата не успева да си ја заврши оваа обврска како што треба, се чини долг и трнлив е патот на малкутемина на кои всушност им е доверена задачата – да се грижат за правилна употреба на македонскиот јазик.
