За време на несреќата во возот имало околу 150 патници. Голем број од нив првично останале заробени во возот, но подоцна се евакуирани
Најмалку 20 лица се повредени, од кои две потешко, откако патнички воз излета од шините во јужна Англија.

Инцидентот се случил попладнево околу 16 часот по локално време помеѓу градовите Хејвардс Хит и Луис во Источен Сасекс, на околу 70 километри јужно од Лондон, кога три вагони излетале од шините и се превртеле. За време на несреќата во возот имало околу 150 патници. Голем број од нив првично останале заробени во возот, но подоцна се евакуирани.
„Прогласивме голем инцидент и на местото спроведовме опсежна акција. Сите патници во возот се евакуирани. Го поддржуваме Одделот за истрага на железнички несреќи за да утврди точно што се случило“,
изјави помошник-началникот на транспортната полиција Иан Драмонд-Смит.
Причината за несреќата сè уште е непозната, а британската служба за истрага на железнички несреќи распореди тим истражители на местото на настанот за да започне со прибирање докази.
