„Во вакви услови, кога секојдневно излегуваат нови информации за загадена вода, власта на Мицкоски не прифаќа да се направи анализа на водата во цела држава и јавно да се објават резултатите. Зошто? Граѓаните од цела Македонија имаат право да знаат каква е водата што ја пијат“, велат од опозициската партија
Опозицискиот СДСМ денеска побара Владата да направи целосни анализи на водата во целата државата и јавно да ги објави резултатите по, како што велат од партијата, секојдневните информации за небезбедна вода во различни места во државата. Случајот со Гостивар, пак, каде што беше прогласена епидемија поради загадената вода за пиење, според опозиционерите, е показател за нефункционалноста на системот и задоцнетото постапување.

„Гостивар е показател за целосниот распад и нефункционалноста на системот. Се покажа дека Мицкоски и ВМРО не знаат и не се способни да менаџираат криза, не можат да го заштитат здравјето на граѓаните. Задоцнија во секој чекор. Од прогласување на епидемија до преземање на превентивни мерки“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека Гостивар не е изолиран случај и дека водата за пиење не е безбедна во над 50 населени места.
„Во вакви услови, кога секојдневно излегуваат нови информации за загадена вода, власта на Мицкоски не прифаќа да се направи анализа на водата во цела држава и јавно да се објават резултатите. Зошто? Граѓаните од цела Македонија имаат право да знаат каква е водата што ја пијат“,
додаваат од СДСМ.
Прашањето за квалитетот на водата и барањето на опозицијата за целосна анализа на водата во државата, меѓу другото, доаѓа по вчерашните наводи дека водата за пиење во Скопје е небезбедна.
