ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на секој што ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побрзо да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението, реагираа од СДСМ по предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелација за Филипче
Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, од ВМРО-ДПМНЕ гледаме само неодговорно, деструктивно однесување на штета на јавното здравје, на штета на здравствениот систем. Тоа незрело, неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со конструирани случаи и денешното барање за отповикување на министерот за здравство доктор Венко Филипче, реагираа од СДСМ откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе интерпелација и против министерот за здравство Венко Филипче.
„Очигледно е дека Христијан Мицкоски и останатите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се патолошки опседнати со провизии. Нема друго логично објаснување за нивното упорно ширење лажни вести. Изгледа се уште живеат заглавени во филмот на нивниот режим, кога речиси и да не постоеше јавна набавка во која не постоеше провизија за ‘фамилијата’ и ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа и во напорите и обидите на Владата и Министерството за здравство да обезбедат вакцини, тие задолжително и по автоматизам гледаат провизија. Срамно е да се прават обиди за политичко профитирање преку креирање лажни скандали кои се поврзани со јавното здравје на сите граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка припадност. Кога во светот буквално се води трговска војна да се обезбедат вакцини, ВМРО-ДПМНЕ заради тесно партиски интереси, свесно и со умисла му наштетува на угледот на државата“,
порача Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на, како што рече, секој што ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побрзо да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението.
„Буквално до пред некој ден на ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречеше затоа што наводно институциите биле спори во набавката на вакцини, а денес критикуваат зошто институциите прават напори да обезбедат вакцини од што е можно повеќе производители. Нека се одлучат што точно им пречи. Едноставно, опозицијата не може да излезе од режимската матрица и сѐ уште наивно верува дека колку полошо е за граѓаните, толку подобро ќе биде за ВМРО-ДПМНЕ. Партијата која е синоним за висока корупција, ВМРО-ДПМНЕ, која во периодот 2006-2016, располагаше и потроши повеќе од 30 милијарди евра народни пари, нема кредибилитет било кого друг да обвинува за провизија. ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието, но и надвор од него, е поставено на страната на криминалот, против интересите на граѓаните и нивното здравје“,
порача Коциќ.
Тој рече дека наместо конструктивност, ВМРО-ДПМНЕ со блокади се обидува да ги спречи сите важни процеси кои се во интерес на државата и граѓаните.
„Она што навистина им пречи е високиот степен на доверба на министерот Филипче и целиот здравствен систем коишто покажаа како треба да се справува во една здравствена пандемија. Очигледно сето ова е резултат на фрустрацијата што Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ не можат да го одбранат криминалот во својата партија, што правдата ги стигнува сите, па дури и оние за кои се мислеше дека се недопирливи. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се поразени од граѓаните, од правдата и од институциите. Без разлика на нивното деструктивно и антинародно однесување, реформите ќе продолжат. И оваа интерпелација како и претходните нема да успее и ќе биде забележана како нов дебакл на партијата предводена од докажаниот губитник Мицкоски“,
порачаа од СДСМ.
Инаку, во Собранието веќе чекаат на ред интерпелациите што ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе против вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ.