По вицепремиерите Димитров и Николовски и министерот за правда, сега и министерот за здравство ќе треба да се соочи со пратениците и да одговори на опозициските обвинувања за катастрофално справување со ковид-кризата
Интерпелација и против министерот за здравство Венко Филипче ќе поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Според опозициската партија, имаа 3 340 причини, колку што е бројката на досега починати од ковид-19, за Филипче да замине од функцијата.
„Нема македонско семејство каде што нечиј близок роднина или пријател не почина. Овие животи можеа да бидат спасени ако системот функционираше. За жал, во македонското здравство се умира и притоа нема одговорност. Пациентка од Струга почина затоа што никој не ѝ пружи помош, пациент од Штип почина затоа што немало боци со кислород, во Македонија се умира поради операција на колено и од сепса на рана, а на пациентка од Дебар и се извадени здрави внатрешни органи и никој не одговора за сето ова. Наместо министер за здравје, Филипче стана министер за смрт“,
оцени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, набројувајќи ги причините за поднесување на интерпелацијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче е најодговорен за катастрофално справување со кризата поради: Неследење кластери; затоа што нема лекови; нема болнички кревети; нема респиратори; нема протоколи за лечење и за движење на пациенти; ненавремени и несоодветни мерки…
„Во текот на својот мандат Венко Филипче остави белег со две работи: Физибилити студии и тендери за распродажба на јавното здравство, сѐ со една претпоставена цел, полнење на џебот и земање провизии и со катастрофално справување со последиците од корона кризата“,
оцени Пецаков.
Во Собранието веќе чекаат на ред интерпелациите што ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе против вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ.
Тестот во парламентот, пак, веќе го помина вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој прв се соочи со интерпелација.