Од СДСМ обвинуваат и дека министерот Филков од ЗНАМ е поставен на функцијата со политичка цел, тврдејќи дека неговото именување е дел од однапред подготвено сценарио, со намера, ВМРО-ДПМНЕ директно да не ја преземе одговорноста во евентуална постапка поврзана со Никола Груевски. Според партијата, станува збор за политички договор во рамките на владејачката коалиција
Портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција изјави дека поранешниот премиер Никола Груевски мора да одговара пред законот, обвинувајќи дека тој и од позиција на бегство продолжува да влијае врз институциите во државата.

Кузеска посочи дека Груевски, кој се наоѓа во Унгарија, повторно се огласува во јавноста и дава насоки за тоа што треба да се истражува, оценувајќи дека ваквото однесување е дел од ист модел на политичко влијание.
Таа упати критики и кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека исто како Груевски продолжува со исти практики на политичко влијание врз институциите.
„Никола Груевски, осудениот криминалец во бегство, повторно се огласува од Унгарија и директно ‘наредува‘ на институциите и обвинителствата што треба да се истражува. Исто како што Мицкоски ‘наредува‘ од собраниската говорница и од телевизија. Тој манир го имаат сите од ВМРО-ОКГ. Иста матрица, истата школа“,
кажа таа.
Според неа, вистината е едноставна и јасна, а тоа е дека криминалецот мора да биде приведен пред правдата и да одговара за делата што ги сторил.
„Изјавата како прашање на Груевски ‘кој е сега на власт во Македонија?‘ и неговото чудење зошто Министерството за правда зборува за екстрадиција и собира документи, најдобро ја покажува селективната правда на која ВМРО-ОКГ е навикнато. За нив тоа е сосема нормално“,
вели портпаролката на СДСМ.
Оцени и дека политиките и практиките што се воспоставени во времето на Никола Груевски, продолжуваат и денес и имаат сериозни последици врз државата, не само во финансиска смисла, туку и врз нејзиниот развој и иднината на младите. Според партијата, корупцијата, злоупотребите во тендерските постапки, незаконското трошење јавни средства и слабеењето на институциите претставуваат товар што ја кочи државата и го забавува нејзиниот напредок.
„Токму тој систем Мицкоски го продолжува. Поставува свои луѓе во судството, обвинителството, полицијата. Целосна партизација на системот, целосна контрола над наводно ‘независните‘ институции. Уште една потврда дека демократија нема кога ВМРО-ОКГ ја презема власта. Сè она што се случуваше за време на власта на Груевски, се случува и сега со Мицкоски. Чиста автократија, диктатура на еден човек“,
рече Кузеска.
Од СДСМ обвинуваат и дека министерот Филков од ЗНАМ е поставен на функцијата со политичка цел, тврдејќи дека неговото именување е дел од однапред подготвено сценарио, со намера ВМРО-ДПМНЕ директно да не ја преземе одговорноста во евентуална постапка поврзана со Никола Груевски. Според партијата, станува збор за политички договор во рамките на владејачката коалиција.
„Министерот Филков од ЗНАМ, кое настана од отпадници на СДСМ, сателит на ВМРО и дел од тендер-коалицијата, е поставен токму на тоа место поради работата која долго време се подготвувала, да не биде ВМРО тој кој ќе го ослободи или ќе го апси Груевски“,
вели Кузеска.
Посочи и дека СДСМ останува на ставот дека правдата мора да биде спроведена и дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара.
„Македонија мора повторно да стане слободна земја, без криминал и корупција за да може да продолжи по европскиот пат. СДСМ еднаш веќе ја ослободи Македонија од оваа криминална група. И повторно ќе го стори тоа. А овие денес, неговите ученици и наследници предводени од Мицкоски, ќе одговараат пред законот. Груевски побегна. Но Мицкоски и неговата банда ќе чекаат одговорност! Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста!“,
кажа портпаролката.
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија откако избега од земјава, вчера се огласи на социјалните мрежи коментирајќи ги подготовките на надлежните за испраќање ново барање за негова екстрадиција по смената на власта во Будимпешта.
Во подолга објава на Фејсбук, Груевски директно му се обраќа и го критикува актуелниот министер за правда Игор Филков, порачувајќи му наместо да собира информации од судовите за започнување постапка за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и монтираните судски процеси што се воделе против него.
Телевизијата Телма завчера објави дека од скопскиот Кривичен суд добиле потврда оти сите документи потребни за екстрадицијата на Груевски се доставени до Министерството за правда.
Од Правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
Пред три дена, министерот Филков кажа дека се чека формирањето нова влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана за случајот со Никола Груевски, кој, патем, има политички азил.
По убедливата победа на изборите, човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци.
Сепак, азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран.
Од друга страна, ако се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“ .
