Според владејачката партија, колку Мицкоски навистина е за ЕУ и за НАТО говори фактот што најпозитивниот Извештај на ЕК го прогласил за лажна вест и не смогнал сили ниту да честита на денот кога станавме 30 членка на НАТО
СДСМ го обвини вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е антизападен и антинароден политичар, кој дејствува за меѓународна изолација на земјата, додека само декларативно се залага за членство во ЕУ.
Реакцијата на владејачката партија следува по вечерашниот опозициски протест насловен „ За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев“, на кој Мицкоски оцени дека ова раководство на СДСМ, предводено од Зоран Заев, е против Европската Унија.
„Три години губитникот Христијан Мицкоски и неговото ВМРО-ДПМНЕ правеа се за да го отежнат патот на државата кон ЕУ и кон НАТО, а денес истиот тој Мицкоски глуми дека е за членство во ЕУ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа едниствени кои навиваа Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори, единствените кои блокираа реформи и структурни закони важни за интеграцијата во ЕУ“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Според владејачката партија, колку Мицкоски навистина е за ЕУ и за НАТО говори фактот што најпозитивниот Извештај на Европската комисија го прогласи за лажна вест и не смогна сили ниту да честита ниту да аплаудира во Собранието на денот кога станавме 30 земја членка на НАТО.
„Единствен идеал на Мицкоски е одбрана на криминал и тој е против правдата што доаѓа. Бранителот на криминалот и неправдата, Христијан Мицкоски е последниот кој може да зборува за идеалите на великанот Гоце Делчев. Борбата за социјална правда, солидарноста, меѓусебното разбирање и помагање се непознати категории за Мицкоски кој знае само да брани криминал и да се однесува деструктивно. Залудна е глумата на Мицкоски, граѓаните знаат дека тој е антизападен и антинароден политичар кој сака да ја врати државата назад во изолација и режим. Затоа граѓаните го казнија на три изборни циклуси и затоа тој и неговото нереформирано ВМРО-ДПМНЕ остануваат во опозиција“,
реагираа од СДСМ, по вечерашниот опозициски протест.