Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се надева дека, по изборите, тој ќе формира влада која ќе ги почне преговорите со ЕУ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, изјави денеска дека се согласува само со една точка во дополнителниот извештај на Европската комисија за земјава, односно само со препораката да почнат преговорите за членство во ЕУ. Мицкоски рече дека го прочитал извештајот и дека тој ни оддалеку не ја отсликува реалноста во секторите што се наведени.
Тој изрази уверување дека, ако ЕУ определи датум за почеток на преговорите со нашата земја, тој процес ќе го води нова влада која ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ, притоа нагласувајќи дека неговата партија има непроменет став во однос на интегрирањето на земјата во ЕУ како државен приоритет.
Според Мицкоски, ако по изборите, влада формира СДСМ, односно Зоран Заев, земјата никогаш нема да дојде до посакуваното членство во ЕУ.
*Поврзани вести:
ЕК го објави мини-извештајот – Северна Македонија ги зајакна реформите и треба да почне преговори
Заев: Нè радува извештајот на ЕК, час поскоро очекувам одлука за датум
ВМРО-ДПМНЕ за извештајот на ЕК: Заев е виновен што не добивме датум
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласале за преименување на училиштата во Чаир
Во врска со преименувањето на две училишта во општина Чаир, Мицкоски, рече дека нема зошто да ги коментира различните изјави на Зоран Заев и кажа дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласала против овој предлог кој, како што додаде, се прави во предизборен период кога граѓаните се чувствителни за одредени теми. Тој нагласи дека ја коментира само процедурата и дека воопшто не зборува за имињата на тие училишта.
Оцени дека за министерот за образование и наука е важно само преименувањето на две училишта во Чаир, но не и, на пример, реконструкцијата на средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово каде што учениците учат во супстандардни услови.