Од опозициската партија нагласуваат дека гласале за сите закони што беа дел од европските критериуми. За Законот за јавното обвинителство, пак, велат дека бил донесен по насилен пат
Лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е главен виновник што земјата не доби датум за почеток на преговорите.
Коментирајќи ги првичните информации за содржината на новиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, нагласи дека пратениците од оваа партија ги гласале сите закони што беа дел од европските критериуми. За Законот за јавното обвинителство, пак, рече дека бил донесен по насилен пат. Тој нагласи дека сè уште не го виделе официјалниот извештај на ЕК за да може да коментираат детали.
„Од она што го имаме како сознание од медиумите, можеме да забележиме дека како политичка партија секогаш сме се залагале и ќе се залагаме за побрза интеграција во ЕУ. Зоран Заев и СДСМ, како и сите негови функционери опкружени со криминали во изминатите години, се виновни за тоа што не добиваме датум за почеток на преговорите. Сите реформски закони што беа за доброто на граѓаните и кои беа побарани од ЕУ, а за кои ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека треба да се изгласаат, ги изгласавме“,
рече Арсовски.
Во тој контекст, тој ги наброи законите за спречување корупција, за формирање на новата Агенција за национална безбедност, за класифицирани информации, за извршување санкции, за прекршоци…
„Многу закони беа изгласани, но имаше и такви што беа донесени на сила, како Законот за јавното обвинителство, со кој Заев сакаше да го амнестира својот криминал. Заев и СДСМ се виновни за тоа што, во изминатите години, граѓаните страдаат и трпат, а државата не добива датум за преговори. Затоа што не успеа да воведе реформи какви што се бараа и затоа што во секоја институција со секој негов функционер е опкружен со скандали и криминали“,
оцени Арсовски.
Во мини-извештајот што денеска го усвои Европската комисија се наведува дека Северна Македонија ги зајакна реформите и одново се препорачува почеток на преговорите со ЕУ, за што конечната одлука треба да ја донесе Европскиот совет, што се очекува да се случи оваа пролет.
Во октомври минатата година, недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, на Самитот во Брисел, беше повод Заев да предложи предвремени парламентарни избори, за, како што рече, да побара нов мандат од граѓаните. Политичкиот договор за избори на 12 април годинава беше постигнат на лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски.
Заев оцени денеска новиот извештај на ЕК е уште една потврда дека народот, парламентот и Владата ги завршиле своите обврски, како и дека земјата останува на европскиот пат.