Портпаролката рече дека е отворен јавен повик за самокандидирање на кандидати за пратеници, со што се отвора можноста и за луѓе кои не се дел од партијата, но ги делат социјалдемократските вредности, а сите документи за оваа постапка се достапни на интернет-страната на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) паралелно со постапката за избор на кандидат за претседател на државата, ја започна и со процесот за утврдување на кандидати за пратеници во Собранието. Ова денеска на прес-конференција го соопшти партиската портпаролка Богданка Кузеска која информира дека е во тек евидентирањето на кандидати за пратеници во рамки на месните одбори во општинските организации на СДСМ.
„Потоа постапката продолжува на ниво на локалните раководства, Извршниот одбор, Централниот одбор на СДСМ и секако највисокото тело, а тоа е Конгресот“,
рече Кузеска.
Портпаролката информираше дека е отворен јавен повик за самокандидирање на кандидати за пратеници, со што партијата ја отвора можноста и за луѓе кои не се дел од партијата, но ги делат социјалдемократските вредности, а сите документи за оваа постапка се достапни на интернет-страната на СДСМ.
„На овој начин, во една демократска и транспарентна постапка СДСМ ги избира најдобрите кандидати за пратеници во шесте изборни единици. Сите кандидати на СДСМ мора да ги исполнуваат највисоките критериуми, да уживаат висок углед и кредибилитет меѓу граѓаните, да ја има поддршката од сите етнички заедници“,
рече Кузеска.
Кандидатите, како што посочи таа, мора да се обврзат на неуморна работа за граѓаните и европската иднина на државата и да го почитуваат етичкиот кодекс на СДСМ.
„Пратениците се избраници на народот, претставници на граѓаните, но и чувари на демократијата. Во изминатите четири години се покажа колку е важна улогата на пратениците во македонското Собрание. Иако имаше три глобални кризи, со посветеност, одговорност и во интерес на граѓаните се донесоа исклучително важни одлуки, закони и нормативи кои беа клучни за успешно справување со сите последици“,
кажа портпаролката на СДСМ.
Изминатите четири години, додаде таа, ја покажале и разликата помеѓу „одговорноста на пратениците од СДСМ и мнозинството од една и деструкцијата на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица од друга страна.
„Пратениците од мнозинството предводено од СДСМ работеа за граѓаните, носеа закони за финансиска поддршка вредна 2,6 милиони евра, за поголеми плати, пензии, намалување на давачките за народот, но и одлуки со кои се овозможи почеток на преговори со ЕУ со заштитен македонски идентитет. Од друга страна ДПМНЕ и Левица спроведуваа активна блокада и наместо за граѓаните работеа против интересот на државата. Дури ја блокираа и европската иднина на земјата и реформите на европскиот пат, што беше нотирано и во Извештајот на Европската комисија“,
рече таа.
Овие два концепти, вели Кузеска, сега повторно ќе се судрат на претстојните избори, изразувајќи увереност дека СДСМ ќе ги има победничките листи за пратеници со кои ќе ја бара довербата од граѓаните.
„Со победа на изборите, СДСМ повторно ќе го предводи парламентарното мнозинството во Собранието, заедно ќе ја формираме иднината проевропска Влада и заедно ќе ја внесеме земјата во ЕУ во новиот мандат“,
додаде Кузеска.
Политичките партии се договорија парламентарните избори да бидат на 8 мај, заедно со вториот круг претседателски избори. Според пржинскиот договор, претходно треба да биде формирана техничка влада на 100 дена пред изборите.
Владејачкиот СДСМ, на крајот на минатата година, на седница на Централниот одбор (ЦО) ги утврди кандидатите за министри, заменик-министри и дополнителни заменик-министри од редовите на партијата во техничката влада со која, на сто дена пред парламентарните избори, ќе раководи актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.
За кандидати за министри од редовите на СДСМ во техничката влада, предложени се истите луѓе кои и сега се на овие позиции во министерствата.
Централниот одбор на СДСМ меѓу другото, ја потврди одлуката на Извршниот одбор на партијата од почетокот на декември и актуелниот координатор на пратеничката група во парламентот, Јован Митрески, го утврди за кандидат за претседател на Собранието во периодот на техничката влада.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, по вечерашниот состанок, донесе одлука дека партијата ќе учествува во техничката влада, односно ќе именува лица што треба да бидат министри и заменици министри, но заземале и став да се воздржат од гласањето на техничката влада.
Во однос на тоа кои лица ќе бидат предложени за учество во техничката Влада, Муцунски рече дека се очекува Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од таа влада.
Крајниот рок до кога ќе се знаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е крајот на јануари, но според очекувањата, по празникот Водици веќе ќе има некоја поголема извесност за кој ќе бидат и двајцата министри и тројцата дополнителни заменици-министри.