Од партијата ја обвинија локалната власт дека работи по примитивен и аматерски модел, копиран од нивната сродна партија од Србија, каде што нема никаква одговорност и проверка на сработеното

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагира на објаснувањето на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски дека спорниот билборд што беше поставен на влезот во Скопје е резултат на „печатна грешка“.
Од СДСМ велат дека не станува збор за ненамерна грешка во текстот, туку за пропуст кој ја покажува неспособноста на Орце Ѓорѓиевски и на владејачката партија.
„Ова не е печатна грешка. Печатна грешка е кога има грешка во текстот. Ова е графички производ со коњ со пет нозе, мост без крај и храм на Свети Сава од Белград наместо скопски пејзаж. Не е направено од графички дизајнер, туку со вештачка интелигенција, без контрола и без елементарна проверка“,
реагираат од СДСМ.
Според опозицијата, изјавата на градоначалникот дека се работи за печатна грешка зборува за „апсолутна неписменост“. Тие ја обвинија локалната власт дека работи по примитивен и аматерски модел, копиран од нивната сродна партија од Србија, каде што нема никаква одговорност и проверка на сработеното.
Од СДСМ истакнуваат дека главниот град се соочува со сериозни комунални и инфраструктурни проблеми откако Ѓорѓиевски е на функцијата, а наместо со нивно решавање, тој се занимава со промоција.
„Не може да го реши ѓубрето во главниот град, не може да го реши градскиот превоз, а се занимава со промоција преку АИ-генерирани билборди“,
се вели во соопштението.
Од СДСМ побараа одговори од градоначалникот за тоа кои фирми учествувале во изработката на графичкото решение и на основа на кои параметри е избрана токму таа фирма?
Исто така, прашуваат и дали е спроведена јавна набавка согласно законот.
„Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ОКГ покажас дека не е способен ниту за основни работи во градот. Наместо да се занимаваат со чистење на Скопје и со вистински проекти, произведуваат срамни билборди и потоа се правдаат со ‘печатни грешки’“,
додаваат од опозициската партија.
Откако денеска беше отстранет билбордот кој беше поставен со грешки во илустрациите, денеска тој беше заменет со нов на кој има фотографии од кулата на скопското Кале, Камениот мост на реката Вардар, кањонот Матка, Старата скопска чаршија и споменикот „Воин на коњ“.
Смената на билбордот дојде по бурата од реакции, критики и потсмев во јавноста.
Денеска, откако беше сменет билбордот со рекација се јавија од Демократската унија за интергација (ДУИ) од каде имаа забелешка дека Град Скопје ги коригирал сликите, но и по оваа интервенција, албанскиот јазик и натаму недостасува на билбордот.
Интегративците бараат од градските власти итно да ги коригираат билбордите со поставување на албанскиот јазик, што, како што нагласуваат, е во согласност со законот и реалноста во Скопје.
