Ѓорѓиевски додава дека за направената корекција, градот нема платено и оти трошоците се на компанијата – изработувач која знакот го поставила преку јавното претпријатие „Улици и патишта“

Кој работи и греши, напиша денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски откако објави дека на влезот во Скопје кај Маџари е поставен нов билборд за добредојде во градот. Ова доаѓа откако пред два дена таму беше поставен билборд со грешки во илустрациите.
На новиот билборд „Добре дојдовте во Скопје“ има фотографии од кулата на скопското Кале, Камениот мост на реката Вардар, кањонот Матка, Старата скопска чаршија и споменикот „Воин на коњ“. Истиот билборд е поставен и на излезот од градот, но таму пишува „Скопје ви посакува среќен пат“.
Претходниот билборд, за кој многумина коменираа дека е направен со вештачка интелигенција, највчечатлива аномалија беше коњот на Воинот што имаше пет нозе, другите знаменитости беа видоизменети, а имаше и објект што го нема во главниот град.
„Ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка“,
напиша Ѓорѓиевски во денешната објава на неговиот фејсбук-профил.
Ѓорѓиевски вели дека опозицијата се занимавала со овој проблем бидејќи, како што напиша, во градот нема заборавени маала и населби и се работи посветено.
„Опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема, па се занимава со ниски страсти. Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат“,
пишува градоначалникот.
Вели дека печатената грешка веќе е коригирана и оти Скопје има нов знак како што доликува.
Ѓорѓиевски додава дека за направената корекција, градот нема платено и оти трошоците се на компанијата – изработувач која знакот го поставила преку јавното претпријатие „Улици и патишта“.
По бурата од реакции, критики и потсмев билбородот „Добре дојдовте во Скопје“ кој беше поставен на источниот влез на градот денеска беше тргнат.
Визуелниот дебакл според критичарите се случува во период кога Скопје треба интензивно да се подготвува за Европска престолнина на културата во 2028 година. Тие обвинуваат дека наместо професионално претставување со ангажман на вистински македонски дизајнери и уметници, градот се брука со евтин „дигитален кич“.
