Од партијата сметаат дека во двојазичен град, исклучувањето на албанскиот јазик од официјалните натписи претставува тешка политичка и институционална провокација и прекршување на законот

Демократската унија за интеграција (ДУИ) попладнево излезе со реакција за натписот на билбордот што градските власти го поставија на влезот во главниот град.
Станува збор за билбордот што пред два дена беше поставен со грешки во илустрациите, а кој по реакциите во јавноста денеска беше заменет со нов.
Од партијата посочуваат дека Град Скопје ги коригирал сликите на билбордите, но и по оваа интервенција, албанскиот јазик и натаму недостасува.
Според ДУИ, оваа постапка претставува свесна одлука за игнорирање на албанскиот јазик и мултиетничкиот карактер на градот.
„Во двојазичен град, исклучувањето на албанскиот јазик од официјалните натписи претставува тешка политичка и институционална провокација и прекршување на законот“,
се вели во партиското соопштение на ДУИ.
Интегративците бараат од градските власти итно да ги коригираат билбордите со поставување на албанскиот јазик, што, како што нагласуваат, е во согласност со законот и реалноста во Скопје.
Од партијата предупредуваат дека доколку не се спроведе законот, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи механизми.
„Доколку законот не биде спроведен, ќе ги преземеме сите правни, институционални и демократски мерки за заштита на албанскиот јазик и достоинството на Албанците“,
порачуваат од ДУИ.
Во реакцијата, ДУИ ја префрли политичката одговорност „за овој континуиран модел на игнорирање на Албанците“ директно кај партијата Влен која е дел од власта. Според нив, со својата поставеност во власта, Влен дозволиле да се создаде уверување дека правата на Албанците можат да се кршат без никакви последици.
По бурата од реакции, критики и потсмев билбородот „Добре дојдовте во Скопје“ кој беше поставен на источниот влез на градот денеска беше тргнат. На истото место се постави нов, со фотографии од кулата на скопското Кале, Камениот мост на реката Вардар, кањонот Матка, Старата скопска чаршија и споменикот „Воин на коњ“. На билбордот што е на влезот во градот пишува „Добре дојдовте во Скопје“, додека на излезот испишано е „Скопје ви посакува среќен пат“.
