„Наместо веднаш да ја информира јавноста и да ги активира сите механизми за заштита, пет дена ја криел информацијата за масовното труење во Гостивар. Со тоа свесно било одложено прогласувањето на епидемија, иако СДСМ уште од првите сигнали, согласно препораките на стручната јавност, бараше тоа веднаш да се направи“, изјави денеска членката на ИО на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) бара итна политичка и институционална одговорност од министерот за здравство и сите надлежни институции поради епидемијата на гастроентеритис, која според социјалдемократите можела да биде избегната доколку се интервенирало навреме.

Наведувајќи ги информациите и сознанијата што досега се познати во јавноста, членката на Извршниот одбор (ИО) на партијата, Нашата Поповиќ, денеска на прес-конференција рече дека епидемија била прогласена дури откако амбулантите и болниците биле преплавени со пациенти, чиј број достигнал речиси 2 000 граѓани.
Поповиќ, пренесувајќи го ставот на партијата, го обвини министерот за здравство Сашо Клековски дека наводно пет дена ја криел информацијата оти има масовно труење во Гостивар, што оневозможило брз институционална реакција.
„Особено загрижува што министерот за здравство Сашо Клековски наместо веднаш да ја информира јавноста и да ги активира сите механизми за заштита, пет дена ја криел информацијата за масовното труење во Гостивар. Со тоа свесно било одложено прогласувањето на епидемија, иако СДСМ уште од првите сигнали, согласно препораките на стручната јавност, бараше тоа веднаш да се направи“,
рече Поповиќ.
Како што наведе членката на ИО на СДСМ, прогласувањето епидемија не е административна формалност, туку значи активирање на конкретни механизми за заштита – засилена координација меѓу институциите, итна епидемиолошка истрага, засилен надзор, дополнителни ресурси и навремени мерки за спречување на понатамошно ширење на заразата.
Наместо тоа, рече Поповиќ, институциите молчеле, а потоа наместо брза реакција следувале празни изјави како „наскоро ќе има информации“, „за неколку дена ќе биде познато“ и „јавноста ќе дознае наскоро“, по што следувале преправања од надлежните дека се изненадени размерите на случајот.
„Ова е сериозен институционален и политички неуспех. Јавното здравје не смее да биде предмет на одложувања, прикривање информации или политички калкулации. Кога постојат јасни индикации за сериозен здравствен ризик, институциите имаат обврска веднаш да дејствуваат и да ги заштитат граѓаните. Граѓаните на Гостивар заслужуваат целосна вистина. Заслужуваат одговор на прашањата зошто пет дена се криела информацијата, зошто не биле преземени итни мерки и кој ќе сноси одговорност. Зошто предупредувачките сигнали биле игнорирани?“,
изјави Поповиќ.
Таа, во истиот контекст, наведе дека криењето информации во услови на масовно загрозување на јавното здравје не е обичен пропуст, туку неодговорно постапување со сериозни последици врз здравјето на граѓаните. Поради овие околности, порача таа, СДСМ бара итна политичка и институционална одговорно од министерот за здравство и сите надлежни институции.
Инаку, во воведот на прес-конференцијата, Поповиќ рече дека состојбата со труењето на граѓани во Гостивар е алармантна, што го покажуваат и бројките, според кои, речиси 2 000 граѓани побарале лекарска помош. Според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, симптомите се поврзани со загадена вода за пиење. Институциите, рече Поповиќ, иако ја имале пред себе ситуацијата, не реагирале навреме и дозволиле таа да ескалира до размери на сериозна здравствена криза.
„Според досегашните информации, институциите уште во раната фаза имале сознанија и сериозни сомнежи дека водата не е безбедна, како и дека бројот на заболени невообичаено расте. Дополнително, надзорот утврдил дека во главниот цевковод на диво била поставена пумпа, без никакво одобрение, преку која директно се внесувала вода во водоводниот систем. И покрај овие алармантни сознанија, епидемијата беше прогласена дури кога амбулантите и болниците беа преполни, а бројот на заболени достигна речиси две илјади“,
рече членката на Извршниот одбор на СДСМ.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува локалната власт во Гостивар, предводена од, како што велат, коалицијата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, за несовесно раководење со општинските институции што довело до над 1 000 граѓани да побараат лекарска помош поради симптоми на труење.
Од вчера во Гостивар е прогласена епидемија по масовниот прилив на граѓани во болниците поради стомачни тегоби.
По наредба на Обвинителството, надлежните здравствени институции земаа мостри од водата за пиење во Гостивар, а резултатите, според најавите треба да бидат готови денеска и доставени до Обвинителството. Во меѓувреме Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за употреба водата од градскиот водовод во Гостивар додека сите надлежни институции не завршат со проверките и со неопходните анализи, кои треба да ги утврдат точните причини за епидемијата.
Министерот за здравство Сашо Клековски синоќа во телевизиско гостување потврди дека во Гостивар е прогласена епидемија на гастроентеритис, како и дека трендот на новопријавени случаи сè уште не опаѓа и бројката се движи меѓу 250 и 300 пациенти на дневно ниво.
