Рашковски заврши во притвор на 21 април годинава. Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари остана околу месец и половина откако на 4 јуни, со одлука на Апелација, мерката ефективен притвор му беше заменета со куќен
Тројца судии, чии имиња не ги открива Основниот кривичен суд Скопје, вчера одбиле да го вратат во притвор во Шутка поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски, објави порталот „Сакам да кажам“ (СДК).
Прво, барањето го одбил судија на претходна постапка, а потоа и тројца судии во кривичен совет од Судот до кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднело жалба.
Не се познати причините зошто Обвинителството барало Рашковски да се врати во притвор.
Тој е осомничен дека како генерален секретар за околу 81 000 евра купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци кој ниту некој му го барал ниту, пак, некој го користи. Како што објави „360 степени“ во серијата стории, станува збор за софтвер кој многу наликува на патент кој Рашковски како иноватор го регистрирал во Државниот завод за индустриска сопственост.
Покрај оваа, обвинителството отвори уште една истрага за злоупотреба од ексгенералниот секретар на Владата, која се однесува на уште еден тендер за систем за биометриска идентификација. Обвинителството го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.
Рашковски заврши во притвор на 21 април годинава. Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари остана околу месец и половина откако на 4 јуни, со одлука на Апелација, мерката ефективен притвор му беше заменета со куќен.
Рашковски нудеше и гаранција од околу 500 000 евра за да се брани од слобода, но тогаш Апелацискиот суд во Скопје не ја разгледуваше зошто сметал дека сè уште постои опасноста тој да влијае на сведоците или на истрагата.