Ова е одговорот на американскиот Стејт департмент на прашања на „Гласот на Америка“ на македонски јазик дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Северна Македонија, како што предупредува премиерот Мицкоски и дали на оваа тема разговарале со македонската влада
Премиерот Мицкоски на почетокот на месецов изјави дека според информации добиени од повеќе канали, раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид, како што кажа, да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, оваа есен ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата
Соединетите Американски Држави (САД) се во редовен контакт со официјални владини лица во земјава за прашања од меѓусебна загриженост.
Ова е одговорот на американскиот Стејт департмент на прашања на „Гласот на Америка“ на македонски јазик дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Северна Македонија, како што предупредува премиерот Христијан Мицкоски и дали на оваа тема разговарале со македонската влада.
„Додека генерално не обезбедуваме соопштенија од дипломатски состаноци, ние сме во редовен контакт со владини функционери за широк спектар на прашања од меѓусебна загриженост“,
одговориле од прес-службата на Стејт департментот.
Премиерот Мицкоски на почетокот на месецов изјави дека според информации добиени од повеќе канали, раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид, како што кажа, да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, оваа есен ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.
Минатата недела, поточно на 15 август, премиерот одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Царинската управа ги повтори ваквите тврдења, додавајќи притоа, дека функционери во поранешни влади се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Тој не спомена конкретни имиња, но тврди оти тоа го прават елементи кои располагаат со огромни суми пари.
„Дел од нив се високи функционери во поранешни влади, коишто се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, а она што мене посебно ме загрижува, се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е најмногу што ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин не можат да мобилизираат луѓе, единствениот начин е да испровоцираат ваков тип конфликт – тоа нема да го дозволиме. Апелирам до јавноста, медиуми, граѓаните, да се воздржат од какви било провокации. Порано или подоцна, сторителите на вакви провокации ќе одговараат, но ве молам за трпение“,
изјави Мицкоски по посетата на Царинската управа.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги негираа тврдењата на премиерот, оценувајќи ги како спинови и блефови. Оттаму соопштија дека како државотворна партија тие се гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на Северна Македонија.
„Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија“,
рекоа од партијата на Али Ахмети.
Дополнително, оттаму рекоа: „ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали“.
Во однос на обвинувањата за криминал, од партијата повикаа на сеопфатен ветинг на сите носители на јавни функции во изминатите 30 години, кој би се спровел со меѓународна помош.
Од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во владата „Вреди“, рекоа дека ги немаат информациите со кои располага премиерот Мицкоски. Сепак, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во телевизиско гостување рече дека постојат мал број на луѓе со „црни“ пари кои посакуваат дестабилизација во земјава за да може да си ја спасат кожата, но вели дека тој не верува дека ќе има такво нешто.
Од друга страна, пак, на прашање на „360 степени“ до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова – дали во врска со овие информации таа планира да го свика Советот за безбедност и дали вакви информации поседува и нејзиниот кабинет, одговорот оттаму беше краток – не.
Таа во петокот повтори дека во моментов нема во план да го свика Советот за безбедност, велејќи дека „индиции се едно, а закани за дестабилизација се друго, но реалноста е поинаква“.
„Реков дека нема да го свикам Советот зашто мислам дека во ова време-невреме кога треба да се справуваме со пожарите како стихија, ние се соочуваме и со други закани под наводници. Не гледам дека тие закани се реалност во моментов“,
изјави Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања во Охрид, каде што учествуваше на отворањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски, јазик, литература и култура при УКИМ.
Претходно, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот, доколку поседува какви било информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, итно да ги сподели со надлежните институции. Во интервју за „Фокус“, Филипче рече дека на ВМРО и на ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација, но дека СДСМ нема да биде дел од такви, како што вели, нечесни игри.