Таквите наративи, според лидерот на СДСМ, се дел од стратегија за кревање меѓуетничка тензија, за која вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведувале пред изборите, а сега одново ја враќаат во игра
Пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, смета дека во политичка смисла, на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација. Таквите наративи, според Филипче, се дел од стратегија за кревање меѓуетничка тензија. за која вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведувале пред изборите, а сега одново ја враќаат во игра.
„Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии. Дури и да не е договорена, таа е во интерес на двете страни“,
вели Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.
Освен зголемени тензии и назадување на државата, вели Филипче, од бескрајните меѓуетнички теми не сме виделе ништо добро. Но, за разлика од претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на СДСМ оцени дека е добро што сега граѓаните и стручната јавност многу рано ги препознаваат истите тактики, а со тоа и ефектот од нив е слаб.