„Ние како влада имаме целосно право да ги браниме територијалниот суверенитет и интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“, рече премиерот
Имаме информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Според тие информации, очекуваме тоа да се случи оваа есен.
Ова денеска на прес-конференција што ја имаше заедно со косовскиот премиер Албин Курти го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање да открие повеќе детали за информациите што ги изнесе во последното интервју за неделникот „Фокус“, дека ДУИ со своето однесување ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на државата, во насока на тоа да објасни за какви закани станува збор.
„Ние како влада имаме целосно право да ги браниме територијалниот суверенитет, интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“,
рече Мицкоски.
На прашањето што се смени во ставот на владејачката партија во односот кон ДУИ, откако ги поддржа во измените на Законот за Влада, премиерот рече дека поддршка во напредокот на граѓаните е добредојдена од секоја политичка партија, особено како што посочува тој, во насока да се даде конструктивност за подобрување на условите за живот, за подобрување на стандардот и поддршка во реформскиот процес.
„Очекувам и во иднина кога ќе имаме подобри реформски закони да бидат поддржани од сите политички чинители, не само од ДУИ. Ние сме платени од гражаните и треба да работиме за нивен интерес. Но, кога ќе добиеме информации за потенцијално девијантно однесување на групи и политички партии, должни сме тоа да го соопштиме во јавноста. Инаку, не би биле влада што ќе ги оправда очекувањата на граѓаните“,
вели тој.
Премиерот во интервјуто за „Фокус“ посочи дека не ја исклучува можноста одредени групи и структури да бидат несвесно изманипулирани, а тоа, според него, може да го предизвика територијалниот интегритет и суверенитет, односно да создадат криза.
За тоа дали има информации дали се подготвуваат сценарија со протести, премиерот посочи дека нема такви информации, но дека протестите се легитимни сѐ додека се демократски и мирни, но ако преминат во насилни, повтори дека тогаш како влада имаат право да го бранат суверенитетот на државата.
Според него, начинот на кој функционира демократијата не оди заедно со „победник со победник“, зашто во политиката не може да се биде малку со едните, па малку со другите, особено што рече дека со ДУИ имаат дијаметрално различни платформи.
„Не може седум години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може. Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целиот процес. ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ‘Вреди‘ и ЗНАМ повеќе од 600 илјади. Јасна е волјата на народот“,
рече Мицкоски во интервјуто за „Фокус“.
Во таква политичка реалност, како што посочи тој, поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада.