„Дел од нив се високи функционери во поранешни влади, коишто се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, а она што мене посебно ме загрижува, се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија“, вели премиерот во денешната изјава која е продолжение во низата претходни на оваа тема
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека функционери во поранешни влади се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички конфликт. Тој повторно не споменува имиња, но тврди „тоа го прават елементи кои располагаат со огромни милионски суми на пари“.
„Дел од нив се високи функционери во поранешни влади, коишто се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, а она што мене посебно ме загрижува, се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е најмногу што ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин не можат да мобилизираат луѓе, единствениот начин е да испровоцираат ваков тип конфликт – тоа нема да го дозволиме. Апелирам до јавноста, медиуми, граѓаните, да се воздржат од какви било провокации. Порано или подоцна, сторителите на вакви провокации ќе одговараат, но ве молам за трпение“,
кажа Мицкоски по денешната посета на Царинската управа.
Мицкоски извесен период споменува можност за дестабилизација поврзувајќи ја со активности што ги планира ДУИ за наесен. Со иста теза јавно излезе и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но и тој не кажа повеќе детали.
Од друга страна, пак, на прашање на „360 степени“ до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова – дали во врска со овие информации таа планира да го свика Советот за безбедност и дали вакви информации поседува и нејзиниот кабинет, одговорот оттаму беше краток – не.
Денешните тврдења на премиерот се на иста линија со оние на првиот вицепремиер од редовите на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, кој пред два дена кажа дека мал број луѓе со црни пари посакуваат да има дестабилизација во државата за да си ја спасат кожата, но посочи дека тој не верува оти ќе има такво нешто.
„Точно е дека има црни пари и посакуваат да има магла за да си ја спасат кожата, но тоа се мал број луѓе и не мислам дека заради тие мал број луѓе некој ќе посегне или да крши закон или да сноси одговорност утре за некакво дестабилизирање. На крај, на граѓаните им треба мир, им треба подобар животен стандард, повисоки плати, па и во однос на Охридскиот договор, еден од столбовите е токму децентрализацијата“,
рече Меџити.
Претходно, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот, доколку поседува какви било информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, итно да ги сподели со надлежните институции. Во интервју за „Фокус“, Филипче додава и дека на ВМРО и на ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација, но дека СДСМ нема да биде дел од такви, како што вели, нечесни игри.
Инаку, премиерот најавува и ревизија за досегашното работење на институциите наесен.
„Очекувам дека некаде до средината на септември ќе заврши целосната транзиција во рамки на институции на ниво на кое е одговорна Владата, понатаму, раководните луѓе во тие институции претпоставувам, вертикално надолу ќе го продолжат тој процес. Што значи, за помалку од три месеци откако е избрана оваа Влада, тој прв круг на транзиција треба да заврши. Очекувам тие што ќе бидат дел од тие институции, прво да ги стабилизираат институциите, а попатно очекувам да направат сериозна ревизија и анализа на тоа што се случувало во минатото, по принципот како и досега. Досега располагаме со сериозни индиции за незаконско работење во многу институции, но внимаваме, сакаме да обезбедиме цврсти докази, не сакаме да оставиме простор за какво било толкување дека тоа е политичка хајка кон некого“,
кажа Мицкоски.