Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, рече дека три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во последните напади, додека дел од регионот кој граничи со Украина е без струја. Според негови информации, оваа недела биле убиени вкупно 16 лица, а 98 биле ранети. Гранатирањето на Белгород принуди да се затвори целиот град
Околу 9 000 деца ќе бидат евакуирани од рускиот пограничен град Белгород и поширокиот регион по нападите за кои Москва ја обвини Украина, пренесува Би-би-си.
Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, рече дека три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во последните напади, додека дел од регионот кој граничи со Украина е без струја. Според негови информации, оваа недела биле убиени вкупно 16 лица, а 98 биле ранети.
Гранатирањето на Белгород принуди да се затвори целиот град.
Учениците добиле наредба да не одат на училиште, а изминатите два дена беа затворени и трговските центри во Белгород.
Гладков на состанокот на владејачката партија Единствена Русија во Кремљ најави дека ќе бидат евакуирани неколку села околу градот Белгород, како и од други делови на регионот. Првата група од 1 200 деца ќе биде евакуирана в петок на 22 март.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека нивните сили собориле девет украински гранати над Белгород. Оттаму додадоа и дека биле уништени две групи украински диверзанти кои планирале напади во близина на границата со регионите Белгород и Курск.
Во меѓувреме украинските погранични области продолжија да известуваат за руски напади барајќи евакуација на локалните жители.
Претходно властите во североисточниот регион Суми соопштија дека повеќе од 150 луѓе биле принудени да избегаат поради засилено гранатирање.
Киев официјално не ги коментирал нападите во Белгород.
Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Киев дека извршил напади врз регионот за да ја попречи неговата кандидатура за реизбор, во кој тој забележа убедлива победа.
Во вторникот Путин ја повика Федералната служба за безбедност да ги идентификува и казни проукраинските руски борци кои тој ги обвини дека учествувале во смртоносните напади врз Русија на пограничните региони.
„За овие предавници не смееме да заборавиме кои се тие, мораме да ги идентификуваме по име. Ќе ги казниме без застареност, каде и да се“,
рече тој на состанокот на одборот на ФСБ.
На почетокот на месецот три руски паравоени групи со седиште во Украина изјавија дека преминале во Русија и сега се борат против владините трупи таму.
Легијата на слободата на Русија и Сибирскиот баталјон објавија видеа на кои наводно се прикажани нивните борци во регионите Белгород и Курск.
Руското Министерство за одбрана тогаш соопшти дека обидите за пробив биле спречени.