Сунак почна да именува членови на својот кабинет веднаш откако денеска ја презема премиерската функција
Новиот британски премиер Риши Сунак одлучи да го задржи на функцијата Џејмс Клеверли – министер за надворешни работи и Бен Волас за одбрана, и покрај тоа што и двајцата го поддржаа враќањето на поранешниот лидер Борис Џонсон.
Исто така, Сунак одлучи да го задржи и Џереми Хант за министер за финансии, откако Лиз Трас го назначи во средината на октомври, со цел да ја смири финансиската бура што ја покрена нејзината економска програма.
Искусниот политичар кој помина низ министерствата за здравство и за надворешни работи, Џереми Хант (55), ги укина речиси сите даночни намалувања што ги донесе владата на Лиз Трас и предупреди дека доаѓаат тешки мерки, поттикнувајќи ги стравувањата за враќање на штедењето.
Сунак почна да именува членови на својот кабинет веднаш откако денеска стапи на должност. Тој потврди дека министерка за внатрешни работи ќе биде Суела Брејвермен, која поднесе оставка на функцијата пред една недела, додека премиерка сè уште беше Лиз Трас.
Министер за правда ќе биде Доминик Раб поранешен шеф на дипломатијата и министер за Брегзит во 2018 година.
Поранешната министерка за одбрана Пени Мордант, која беше главен ривал на Сунак за претседател на владејачката Конзервативна партија, останува лидерка на владејачкото мнозинство во долниот дом на Парламентот.
Од Даунинг стрит е потврдено и дека Том Тугендхат е повторно назначен за министер за безбедност во Министерството за внатрешни работи.
Џон Глен, пак, е главен секретар на Министерството за финансии, кој ќе ја преземе функцијата од Едвард Аргар.