Во моментот кога се очекува Сунак да почне да ги именува членовите на новата влада, своите оставки ги поднесоа министерот за правда Брендон Луис, министерот за економија и енергетика Џејкоб Рис-Мог и министерката за труд Клои Смит, јавува Би-Би-Си.

Луис на Твитер изјави дека „нему му беше чест да биде еден од министрите со најдолг мандат во владата“, каде што имаше осум министерски улоги во пет ресори, под четворица премиери.
„Новиот премиер ќе ја има мојата поддршка од задните редови (во парламентот) во борбата со многуте предизвици со кои се соочуваме како партија и како земја“,
напиша Луис.
Рис-Мог неодамна рече дека не очекува да ја задржи министерската функција во кабинетот на Сунак, но посочи дека е отворен за тоа, велејќи дека „ќе прави што сака“ новиот премиер. Тој порача дека владејачката Конзервативна партија треба да се обедини и да застане зад премиерот за да избегне пораз на следните избори.
Смит рече дека ќе го поддржи Сунак од задните редови во парламентот и дека ќе продолжи да работи напорно.
Паралелно со борбата против економската криза, која ја дефинираше како приоритет, Сунак ќе се обиде да ја врати и разнишаната доверба на гласачите во Конзервативната партија, која е на власт од 2010 година.