Поранешната пратеничка Фросина Ременски преку снимки од видеонадзорот во нејзиниот дом ќе го оспорува претресот кој беше извршен во случајот „Меѓународен сојуз“ каде што е обвинета за помагање на Бојан Јовановски-Боки 13 во делото измама.
„Ќе забележам на видеоматеријалот поврзан со вршењето на претрес во мојот дом, бидејќи имаме приложено друга видеодокументација која го документира незаконскиот влез во мојот дом, за кој веќе зборував и за кој се водат постапки“,
рече Ременски.
Според неа, со споредба на материјалите од видеонадзорот кој бил поставен во домот и бил исклучен кога истражителите влегле, и на снимките кои ги направило обвинителство, ќе се види дека кај неа било упаднато незаконски, во момент кога сопствениците не биле дома.
„Приложивме и ние доказ за неовластениот влез во мојот дом, така што тука ќе ги судриме видеоматеријалите кои ќе видиме колку кореспондираат со она што е тврдење на јавното обвинителство и она што е мое тврдење, дека имаме комплетно неовластено влегување и претрес во мојот дом. Во овој случај имаме несоодветна проценка за правење претрес по исклучок во дом кој е отворен и во кој нема опасност од вооружен напад или отпор за да влезе без дозвола и присуство на сопствениците на домот“,
изјави поранешната пратеничка.
Ременски ја даде изјавата за време на паузата од рочиштето за „Меѓународниот сојуз“, на кое обвинителката Ивана Трајчева почна со презентација на материјалните докази на обвинителството. Барања за претреси, потврди за одземени предмети, два договори за донации од Јасна Ерцеговиќ на 1 ТВ во висина од по нешто повеќе од три милиони денари… се дел од доказите што досега беа презентирани.
На почетокот на денешното рочиште, во судница се појави и бизнисменот Ардијан Амзоски, кој кажа дека бара отштета од 195 000 евра. Покана доби и Силјан Мицевски, но тој не се појави. Сепак, ќе може да побара отштета во текот на судскиот процес.
Според обвинението, од страна на „Меѓународниот сојуз“ на чело со Бојан Јовановски-Боки 13, двајцата бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра – Мицевски сума од околу 720 000, а Амзоски околу 233 000 евра.
И двајцата на едно од наредните рочишта ќе се појават како сведоци во судницата.
Во предметот, Јовановски, кој е претседател на „Меѓународниот сојуз“, е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Освен него и Ременски, на обвинителна клупа седат и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, кои се обвинети за помагање во измама и перење пари. Обвинет е и таткото на Боки, Миле Јовановски, за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.