Регистрирани земјоделци поединци, како и фирмите во оваа дејност кои трпат загуби поради кризата со коронавирусот, ќе добијат државна финансиска помош, рече на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Трајан Димковски. Услов за добивање на помошта е земјоделците да докажат дека приходите им се намалени за повеќе од 30 отсто во изминатите четири месеци од годинава. Ако докажат, државата ќе им исплати по 14 500 денари за месеците април и мај.
„Тоа се индивидуални физички лица кои се регистрирани според Законот за трговски друштва и во самата регистрација им стои трговец поединец. Тоа значи дека овие земјоделци, кои имаат намален приход повеќе од триесет проценти во првите четири месеци, ќе можат да аплицираат за месеците април и мај, каде што ќе може да добијат износ од 14 500 денари. И сите поголеми фирми, кои се евидентирани во Централниот регистар, исто и тие ако покажат пад од триесет проценти, ќе може да аплицираат за месеците април и мај, и тоа за бројот на вработени во зависност од тоа колку имаат, секако дека зборуваме за 14 500 денари бруто -помош по работник“,
рече Димковски.
Министерот не очекува зголемената акциза да влијание врз производствената цена бидејќи смета дека државата го олеснува земјоделското производство со субвенционирање на зелената нафта од 50 отсто. За три месеци е продолжен рокот за плаќање закуп на државно земјиште.
Сите јавни повици се ставени во мирување
Министерот Димковски посочи дека сите јавни повици за земјоделците се замрзнати, засега на неопределено за земјоделците кои сакаат да аплицираат или се во фаза на инвестирање, да можат да ја комплетираат документацијата откако ќе нормализира состојбата. Платежната агенција дополнително ќе го утврди рокот до кога може да се аплицира за државна помош или за ИПАРД-програмите. Министерството за земјоделство нотира дека е намален и откупот на јагниња.
„Финансиската поддршка за женско јагне е зголемена за 800 денари и изнесува 2 500 денари по грло. Околу договорената цена, каде што самите сточари и кланиците соработуваат, сепак тоа е договор меѓу два субјекта, ние сме отворени за посредување, но сепак договорената цена ја постигнуваат тие. Ние како министерство преку здруженијата на одгледувачите сме во контакт, мерките ги планираме заедно, секоја мерка се мониторира за да видиме дали дава резултат… Имајќи ја на ум планираната поддршка за оставено женско јагне, вкупната сума од буџетот би била 8 милиони евра, доколку се исполнат планираните проекции. За брзо време ќе ги дознаеме точните бројки“,
рече Димковски.
Не се сите земјоделци ослободени од полицискиот час
Претстојниот 85-часовен полициски час, кој почнува утре од 16 часот и ќе трае се до вторник до 5 часот наутро, не ги опфаќа земјоделците кои се под 67-годишна возраст и имаат обврски. Земјоделците во зависност од локациите каде што е неопходно да работат имаат три начини за избор на движење.
Земјоделците кои имаат обврски надвор од атарот на селото може да извадат дозволи преку подрачните единици каде што се добиваат дозволи за движење.
Земјоделци кои имаат активности во своите села може да се движат без извадени дозволи и трето, за нерегистрираните земјоделци, кои не се во единствениот регистар на земјоделски стопанства, а имаат наследена земја што ја обработуваат, ќе можат секој ден најдоцна до 20 часот преку кризните штабови да се пријават.
„Со ова е регулирано движењето по сите основи. Земјоделците над 67 години мора да се придржуваат на дадениот тајминг и да се надвор само од 10 до 12 часот“,
рече министерот.