Досега се спасени шест луѓе од под урнатините во Петриња, а спасувачката мисија ќе продолжи во текот на ноќта
Премиерот Андреј Пленковиќ по состанокот на владиниот кабинет рече дека е обезбедена помош од 120 милиони куни
Бројот на починати во земјотресот што ја погоди Хрватска се искачи на седуммина. По повеќе часовна потрага пронајдено е тело под урнатините од локалната црква во Жажина, потврди хрватското министерството за внатрешни работи.
Претходно, беа пронајдени шест жртви, 13-годишно девојче кое загина во Петриња и пет лица во селото Мајске Пољане.
Во Петриња и Сисак се уште трае потрагата по преживеани.
Хрватската спасувачка служба соопшти дека од под урнатините на подрачјето на Петриња спасени се шест лица и оти потрагата по преживеаните ќе продолжи и во текот на ноќта.
Полицијата апелираше граѓаните да излезат на отворено и да се оддалечат од зградите кои се во опасност од уривање, а некои хотели понудија помош и сместување на оние кои останаа на улица.
Премиерот Андреј Пленковиќ по состанокот на владиниот кабинет информираше дека е обезбедена помош од 120 милиони куни, потенцирајќи дека тоа е само почеток.
„Обезбедивме помош од 120 милиони куни, од кои 100 милиони за округот Сисак и 10 милиони за округот Загреб. Тоа не е сè, туку само почеток. Разговаравме и за каква помош ќе бараме од ЕУ. Грантови пристигнуваат од сите страни и има голем интерес да им се помогне на граѓаните од овие области. Важно е помошта да биде рамномерно распределена за да добијат помош оние на кои им е потребно“,
порача Пленковиќ, додавајќи дека тоа треба да се направи преку Црвениот крст, кој веќе отвори сметка за помош на подрачјата погодени од земјотресот.
Тој додаде дека згрижени се сите пациенти од болницата во Петриња, како и 80 отсто од пациентите во Сисак, а голем придонес вели даде и хрватската армија.
Во разорениот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтер, кој денеска ја погоди Хрватска предизвикана е и голема материјална штета во Загреб, Сисак и Петриња.
Епицентарот на земјотресот во 12:20 часот бил на 47 километри југоисточно од Загреб, односно на три километри од Петриња, а земјотресот бил почувствуван во целиот регион. Потоа следуваа уште неколку потреси.