Првите извештаи покажуваат дека има повредени и дека материјалната штета е голема
Вознемиреност има и кај жителите на главниот град Загреб, каде во делови нема струја, во прекин е телефонските врски, а во градот владее сообраќаен хаос
Дете загина во силниот земјотрес шро денеска ја погоди Хрватска, јави „Јутарњи лист“. Весникот наведува дека, најверојатно, врз него паднала греда.
Првите извештаи покажуваат дека има повредени и дека материјалната штета е голема. Освен Петриње, материјални штети има и во Сисак.
Во акција на спасувачките екипи од под урнатините на нивниот дом во Петриње, Хрватска, се извлечени татко и дете, објави телевизијата „Н1“.
Првите слики од Петриње се драматични, има голем број урнатини по денешниот земјотрес. Не е познато дали има и други жртви.
Во својата прва изјава по уште еден силен земјотрес со јачина од околу 6,3 степени што го погоди Петриње околу 12:20 часот, градоначалникот Даринко Думбовиќ рече дека половина град е уништен и побара да биде испратена итна помош.
Во најтешко погодениот град пристигнуваат и 300 припадници на хрватската војска. Локалните власти бараат граѓаните да ги користат своите лични возила само во итни случаи.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ најави дека заминува во Петриње, а Владата објави дека се испратени сите расположливи ресурси во тој град.
Вознемиреност има и кај жителите на главниот град Загреб.
Телевизијата Н1 од Загреб известува дека во некои делови нема телефонски врски, а оневозможена е и смс комуникација. Некаде има и прекин на струја.
Н1 јавува и за оштетувања на зградата на Министерството за градежништво во Загреб, како и зградата на телевизијата.
Министерот за надворешни работи Гордан Радман изјави дека оштетена е зградата на МНР, а медиумите јавија дека оштетена е и зградата на Министерството за одбрана.
„Министерството за надворешни и европски работи претрпе значителна штета во март и сега е повторно погодено од земјотресот. Во моментов не знаеме колкава е штетата, но се тресеше, паѓаа малтер и лустери“,
рече хрватскиот министер, пренесува Хина.
Жителите на Загреб го напуштаат градот, а на излезите има голема гужва, јави Н1 од Хрватска.
Загрепската полиција ги повика граѓаните да користат само лични автомобили за превоз и да следат други препораки во случај на земјотрес.
Претходно хрватската полиција ги повика граѓаните да излезат на отворено доколку се во можност и да се оддалечат од зградите што се во опасност да се урнат по денешниот силен земјотрес.
Ова е трет по вчерашните два земјотреса што ја погодија Хрватска. Првиот со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала се случи околу 6:30 часот, а подоцна околу 7:50 часот, земјата повторно се тресеше со интензитет од 4,9 степени.