Иницијативата на ДУИ да се расправа за преименувањето на улиците во Тетово беше прифатена, но не како прва точка на дневниот ред
Членовите на Советот на Општина Тетово од ДУИ ја напуштија денешната седница откако не им беше прифатено барањето – прва точка на дневниот ред да биде преименувањето на улиците. Иако иницијативата да се расправа на оваа тема доби поддршка од 22 советници, претставниците на ДУИ, револтирани со транспаренти во рацете и обвинувања за опструкции, излегоа од салата.
„Ја напуштаме седницата затоа што не знам колку пати побаравме нашата точка да биде прва точка на дневен ред. Но колегите од Влен, почнувајќи со претседателот, цело време одбиваат такво нешто. Имавме три-четири пати состанок меѓу себе, пак се одлучи да не биде како прва точка на дневниот ред,“
изјави Берат Мурати, координатор на советничката група на ДУИ.

Фото: Принтскрин
Од Влен обвинија дека ДУИ прави вештачки тензии, со намера да го сврти вниманието од проектите на локалната власт, како и од веста за почеток на градежните активности на патот Тетово-Призрен.
Уверуваат дека Комисијата за преименување на улиците утре ќе има состанок, каде што се очекува, како што посочија, решавањето на проблемот.
„Денес видовме чудно однесување на ДУИ, на групата на советниците, коишто во обид да направат политички театар предложија прегласување на имињата на улиците. Откако нивното барање беше прифатено од наша страна, советниците на ДУИ ја напуштија седницата на Советот.
вели Алби Ќамили, член на Советот на Општина Тетово од Влен.
ДУИ достави предлог за именување улици откако Уставниот суд на 17 јуни 2026 година ја укина одлуката од 2007 на Советот на Општина Тетово.
Викендот во Тетово се одржа протестен марш, кој од ДУИ го оценија како исклучителен граѓански успех бидејќи, како што велат, граѓаните испратиле порака против наметнувањето симболи од времето на комунизмот.
ДУИ побара политичка и институционална одговорност од градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, и од функционерите на владејачката Влен по одлуката на Уставниот суд со која се укинаа дел од одлуките за именување на улиците во општината.
„Слоганите ‘Тетово го отстрани Јосип Броз Тито‘, ‘За колку пари бевте продадени?‘, како и десетици други пораки, го изразија револтот на граѓаните кон оние кои, преку дејствување или недејствување, го овозможија овој неприфатлив епилог“,
порачаа од ДУИ.
Од Влен возвратија дека не станува збор за граѓански протест, туку манифестација на страв на партијата на која ѝ истекува политичкото време.
„ДУИ повеќе од две децении ја држеше локалната и централната власт. Денес, наместо да се извинува за прекршените ветувања и проблемите што ги остави зад себе, излегува на улиците обидувајќи се да се претстави како жртва. Граѓаните не забораваат кој управувал со Тетово со години“,
порачаа од Влен.
Во 2025 година Сојузот на борци од Тетово поднесе иницијатива, по која Уставниот суд донесе одлука во јуни 2026 година. Именувањето беше поништено, бидејќи, ниту Општина Тетово ниту Владата не покажале документ дека имало согласност од Владата за преименувањето како дел од процедурата.
