Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, коментирајќи го исходот на седницата околу именувањето на улиците, закажана за в понеделник, рече дека ДУИ ја крши истата постапка поради која беше поништена првата листа
Седницата на Советот на Општина Тетово, на која ќе се расправа за иницијативата за повторно именување на улиците откако Уставниот суд укина дел од нив, е закажана за в понеделник и веќе предизвика нови обвинувања меѓу ДУИ и ВЛЕН.
Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Билал Касами, денеска изјави дека ако советниците сметаат апсурдот на ДУИ да го направат реалност, тогаш автоматски ќе се оди на нови избори, бидејќи листата на имиња предложена од ДУИ е истата што претходно ја поништи Уставниот суд. Од друга страна, по оваа изјава на Касами, Демократската унија за интеграција (ДУИ) го обвини градоначалникот за недостиг на политичка и институционална одговорност. Според интегративците, со идејата за нови избори Касами сака да ги прикрие неуспесите во управувањето со општината.
Коментирајќи го исходот на претстојната седница, Касами рече дека ДУИ ја крши истата постапка поради која беше поништена првата листа
„Доколку советниците сметаат да ја направат оваа апсурдност на ДУИ реалност и да гласаат за таа листа како што е предложена, ризикот е Советот автоматски да оди на реизбор, бидејќи таа листа ги вклучува сите имиња на улиците кои еднаш веќе беа поништени од Уставниот суд поради постапката, а предлогот на ДУИ повторно ја крши истата постапка“,
изјави Касами.
Од ДУИ оценуваат дека наместо да ги решава проблемите на граѓаните на Тетово, Касами создава вештачка криза.
„Билал Касами произведува лажни правни теории. Наместо одговорност, тој бара алиби. Наместо да соработува за решавање на проблемот, се обидува да создаде вештачка криза и да ја искористи како изговор за нови избори. Предложениот список содржи вкупно 67 имиња и, следствено, ова прашање не може да се користи како причина или изговор за распуштање на Советот на Општина Тетово“,
се вели во соопшението на ДУИ.
Во пресрет на седницата в понеделник за која владејачката ВЛЕН смета дека доколку советниците го изгласаат предлогот на ДУИ, автоматски ќе се оди на избори за нов состав на Советот, додека пак ДУИ за утре најави втор протестен марш против одлуката на Уставниот суд.
