„Протестот беше исклучителен граѓански успех. Тој покажа дека Тетово не молчи пред неправдата и дека достоинството, историјата и идентитетот не можат да бидат предмет на политичка трговија. Пораката на граѓаните беше јасна: Тетово не го прифаќа враќањето на симболите од комунизмот и не прифаќа претставници кои не го штитат неговиот интерес“, велат од партијата
Најавија дека ќе продолжат со одбраната на идентитетот и историјата на Тетово преку демократски и институционални механизми
Протестниот марш што вчера се одржа во Тетово покажа дека граѓаните не го прифаќаат враќањето на старите имиња на улиците по одлуката на Уставниот суд, соопштија денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Според партијата, илјадници граѓани со учеството на протестот испратиле порака против наметнувањето симболи од времето на комунизмот.

Слоганите и пораките упатени за време на маршот, велат дека го изразиле револтот кон оние кои со своето дејствување или недејствување придонеле за ваквиот исход.
„Слоганите ‘Тетово го отстрани Јосип Броз Тито‘, ‘За колку пари бевте продадени?‘, како и десетици други пораки, го изразија револтот на граѓаните кон оние кои, преку дејствување или недејствување, го овозможија овој неприфатлив епилог“,
се вели во партиското соопштение.
ДУИ побара политичка и институционална одговорност од градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и од функционерите на владејачката Влен по одлуката на Уставниот суд со која се укинаа дел од одлуките за именување на улиците во општината.
„Фактот дека Општината не го доставила соодветното барање во постапката пред Уставниот суд не може да се третира како административен пропуст. Напротив, тоа отвора сериозни сомнежи дека станува збор за намерно, координирано и политички пресметано дејствување, со цел да се отвори патот за оваа одлука“,
посочија оттаму.
Според партијата, граѓаните имаат право да знаат кој ја донел оваа одлука, зошти не бил заштитен интересот на Тетово и кој ќе сноси одговорност за последиците.
„За оваа срамна опструкција бараме целосна политичка и институционална одговорност“,
порачаа од партијата.
Од партијата оценуваат цени дека протестниот марш одржан во Тетово покажал дека граѓаните не прифаќаат враќање на имиња и симболи од минатото.
„Протестот беше исклучителен граѓански успех. Тој покажа дека Тетово не молчи пред неправдата и дека достоинството, историјата и идентитетот не можат да бидат предмет на политичка трговија. Пораката на граѓаните беше јасна: Тетово не го прифаќа враќањето на симболите од комунизмот и не прифаќа претставници кои не го штитат неговиот интерес“,
се вели во партиското соопштение.
Од ДУИ велат дека политичката одговорност не може да се избегне и побараа оставка од градоначалникот на Општина Тетово и од носителите на јавни функции од ВЛЕН кои, според нив, со молчење, недејствување или соработка придонеле за актуелната состојба.
Најавија дека ќе продолжат со одбраната на идентитетот и историјата на Тетово преку демократски и институционални механизми.
„Тетово ја кажа својата порака јасно. Сега е ред на оние што ја доведоа оваа ситуација да дадат одговори и да сносат одговорност“,
велат од ДУИ.
Од ДУИ уште минатата недела го најавија вчерашниот протестен марш, а повод, како што посочија е одлуката на Уставниот суд за именувањето на улиците во Тетово.
Оттаму посочија и дека незадоволството е пошироко бидејќи постои и загриженост поради намалување на правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.
Инаку, седницата на Советот на Општина Тетово, на која треба да се расправа за иницијативата за повторно именување на улиците откако Уставниот суд укина дел од претходните одлуки, е закажана за утре, а темата веќе предизвика нови меѓусебни обвинувања меѓу ДУИ и ВЛЕН.
На 26 јуни во Тетово се одржа протестен марш против одлуката на Уставниот суд со која беше укинато преименувањето на дел од улиците и градскиот плоштад, која беше донесена во 2007 година од тогашниот состав на Општината.
Протестниот марш дојде на повик на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), чиј огранок во Тетово пред неколку дена донесе одлука за негово одржување, а на собир против одлуката на Уставниот суд повика и лидерот на партијата, Али Ахмети.
Од Уставниот суд денеска преку писмено соопштение упатија остри критики кон обидите за груба партизација и политизација на работата на Судот од страна на одредени политички партии, кои ги користат неговите одлуки, активности и меѓународна соработка за дневнополитички цели.
Посебно нагласија дека за нив не е релевантно кои се имињата на улици, училишта, инфраструктурни објекти и други локации, бидејќи тоа се политички одлуки кои не се предмет на нивна оценка.
Клучно за Судот, како што посочуваат, е дали тие одлуки се донесени во законски пропишана постапка.
Оттаму ги повикаа сите политички чинители на одговорност и воздржаност во јавната комуникација и да се воздржат од ширење невистини и манипулации на сметка на институцијата која е чувар на Уставот и уставно-правниот поредок на државата.
