Наместо Путин, рускиот претседател на самитот ќе биде претставуван од шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Сепак, сè уште не се знае дали Пурин ќе се приклучи преку видео-врска на некој од состаноците
Западните земји и Украина претходно извршија силен притисок врз Индонезија која е домаќин на самитот Г-20, да ја засили својата осуда кон Москва и да ја повлече поканата до Путин за самитот. Но, таа се спротивстави, тврдејќи дека земјата домаќин треба да остане неутрална
Рускиот претседател Владимир Путин, сепак, нема лично да присуствува на самитот на лидерите на земјите од Групата 20 на Бали следната недела, соопшти руската амбасада во Индонезија, јави Си-ен-ен.
Наместо Путин, рускиот претседател на самитот ќе биде претставуван од шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави шефицата на протоколот во амбасадата Јулија Томскаја.
Таа додаде дека Путин сè уште одлучува дали ќе се приклучи преку видео-врска на некој од состаноците.
Ова следува по повеќемесечна неизвесност околу учеството на рускиот претседател на самитот на шефови на држави и влади на Г-20, што го организира Индонезија на 15 и 16 ноември.
Западните земји и Украина извршија силен притисок врз Индонезија која е домаќин на самитот Г-20, да ја засили својата осуда кон Москва и да ја повлече поканата до Путин за самитот. Но, земјите од Југоисточна Азија се одлучија за независна политика од големите блокови и нагласија дека земјата домаќин мора да биде неутрална.
Претходно, Белата куќа, пак, извести дека го презема секој можен чекор за американскиот претседател Џо Бајден, кој ќе присуствува на самитот, да избегне средба лице в лице со својот руски колега, доколку Путин присуствува на самитот. Бајден во март рече дека Русија треба да биде исфрлена од Г-20.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија земја не е членка на Г-20, исто така доби покана за состанокот и ќе може да зборува преку видео-врска. Зеленски претходно предупреди дека Украина нема да учествува на самитот на Г-20 доколку присуствува и Путин.
На самитот се очекува да присуствува и кинескиот лидер Си Ѓинпинг и да се сретне со Бајден за првпат откако американскиот претседател ја презеде функцијата пред речиси две години.
Самитот се одржува во екот на повеќекратни кризи низ светот, како војната во Украина, загриженоста за светската економија поради долгорочната инфлација и последиците од климатските промени.
Инаку, членки на Г-20 се САД, Русија, Кина, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Турција, Канада, Мексико, Бразил, Аргентина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Индонезија, Саудиска Арабија, Јужна Африка и Европска Унија.