Според партијата, Филипче, заедно со тогашниот премиер Зоран Заев, учествувал во политиките што доведоа до промена на името на државата, додека јавноста, како што наведуваат, била уверувана дека тоа ќе го отвори патот кон членство во ЕУ
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија критики до лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче по неговата изјава дека „Македонија не е на продажба“.
Оттаму прашуваат каде бил Филипче, како министер во владата предводена од експремиерот Зоран Заев, во периодот кога беше постигнат Преспанскиот договор и кога, како што додаваат, биле прифатени барања од Бугарија.

„Венко Филипче, чиракот на Зоран Заев, во обид да глуми патриот, поита да каже дека Македонија не е на продажба. Но се прашуваме, каде беше Венко Филипче кога неговиот ментор Зоран Заев со него во влада го менуваа името, прифатија ултиматуми од Бугарија и ги распродаваа државните интереси. Одговорот е многу едноставен, како министер Филипче ги користеше сите привилегии кои му ги овозможуваше власта и мудро си молчеше за сите предавства направени врз државата“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата, Филипче, заедно со тогашниот премиер Зоран Заев, учествувал во политиките што доведоа до промена на името на државата, додека јавноста, како што наведуваат, била уверувана дека тоа ќе го отвори патот кон членство во ЕУ.
„Но, тоа што граѓаните го добија е само лажната вест со сликата од авионот, каде со дигнати палци, лажеа дека се државата ги отворила преговорите. Тогаш Филипче гледаше провизиите за вакцините да му поминат, тендерите да врват, а кај него и Заев процентот да стигне, за сега да имаат за луксузни одмори и јахти во Грција, за згради, станови и златни визи во Дубаи“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Филипче и дека не се спротивставил на политиките на Заев во однос на промената на името и односите со Бугарија.
„Но, веројатно богатството го мислеле за нив, зошто единствени кои се офајдиле се токму Филипче и Заев, додека народот го осиромашија, а државата ја опљачкаа“,
додавата оттаму.
Затоа, посочуваат дека и сега се и против се што значи развој и напредок на државата и не сакаат во Македонија да има инвестиции од напредни технологии, индустријата да расте, рударството да се развива.
„Граѓаните веќе ги препознаа и знаат дека нив единствено ги интересира нивниот џеб, ништо друго. Затоа уште долго ќе останат таму каде што се, во длабока опозиција и на прагот од биолошкиот минимум“,
пишуваат од партијата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес-конференција ја искритикува најавената изградба на дата-центри, како и проектот за рудник за ископ на антимон, обвинувајќи дека власта на чело со Мицкоски ги распродава националните богатства и ги договара проектите заради свои лични бизнис-интереси.
Според него, СДСМ не е против технолошки напредок на државата, туку против приватните бизнис-интереси на власта и на премиерот.
