Официјални лица рекоа дека Бајден и Путин може да се сретнат во одреден момент за време на Самитот во ноември, но американските власти ја отфрлија можноста за формален состанок
Амбасадорот на Индонезија во Москва, Хозе Таварес, изјави дека не планира да не му испрати покана на рускиот претседател Владимир Путин за претстојниот Самит на Г-20 следниот месец. Тој потсети дека индонезискиот претседател Џоко Видодо веќе испратил покани до сите лидери на Г-20, вклучувајќи го и Путин.
„Тоа многу јасно ја покажува позицијата на Индонезија“,
изјави Таварес за новинската агенција Тасс.
Тој оцени дека Индонезија ја смета Русија за важна во Г-20, како и сите други.
„Немаме право да не поканиме ниту една членка на Г-20, згора на тоа, чест ни е да ги поканиме земјите од Г-20 да ни бидат гости. Како што можете да видите, некои други земји кои не се членки на Г-20 ќе учествуваат на Самитот. Тука се пацифичките земји, исто така тука е и Украина, што значи дека тоа е позицијата што ја зазеде Индонезија“,
заклучи Таварес.
Да потсетиме, рускиот претседател Путин на 14 октомври изјави дека одлуката за неговото патување на Самитот на Г-20 во Индонезија сè уште не е финализирана, но дека руската страна ќе учествува на форумот што ќе се одржи на 15 и 16 ноември на Бали.
Ќе има ли средба Бајден – Путин?
„Политико“ вчера објави дека Белата куќа, наводно, го презема „секој можен чекор“ за да избегне средба лице в лице меѓу претседателот Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин на Самитот на Г-20 во Индонезија. Американските власти, исто така, наводно презеле чекори за да избегнат, дури и средба во коридорот или можноста двајцата лидери да бидат фотографирани заедно.
Бајден минатата недела за Си-ен-ен изјави дека не планира да се сретне со рускиот лидер на Бали, но дека ќе направи исклучок доколку Путин е отворен да разговара за ослободување на американската кошаркарка Бритни Гринер, која се наоѓа во руски затвор.
„Политико“ цитира повеќе американски функционери кои велат дека не се одржани разговори меѓу Белата куќа и Кремљ за ослободување на американските затвореници во Русија, вклучително и Гринер.
Објавите на „Политико“ дека американската администрација се обидува да избегне дури и случајна средба меѓу Бајден и Путин на Самитот на Г-20 вчера ги демантираше портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
„Оваа информација е неточна, не е вистина“,
рече Жан-Пјер на брифинг со новинарите.
Официјални лица рекоа дека Бајден и Путин може да се сретнат во одреден момент за време на Самитот во ноември, но американските власти ја отфрлија можноста за формален состанок.
Американскиот претседател Џо Бајден на почетокот на октомври, како што пренесе „Гардијан“, изјави дека не исклучува можност за средба со рускиот колега Владимир Путин за време на Самитот на Г-20 наредниот месец во Бали.
„Ќе видиме“, им рече Бајден на новинарите на прашањето дали ќе го искористи состанокот на Г-20 во Бали како можност за директно да разговара со Путин.
Кина изразува поддршка и очекувања за Самитот на Г-20 на Бали
Кина ја поддржува Индонезија во нејзината улога како претседавач со Групата 20 (Г-20) и очекува претстојниот Самит на Г-20 да придонесе за глобалниот одговор на ковид-19, економското закрепнување и безбедноста на храната и енергијата, изјави денеска кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаосу.
„Се надеваме дека Самитот на Г-20 ќе одигра активна и конструктивна улога во области како што се зајакнување на меѓународната соработка во одговорот на ковид-19, промовирање на светското економско закрепнување и обезбедување глобална безбедност на храна и енергија“,
рече Жаосу на прес-конференција одржана на маргините на 20. Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина.
Како што пренесува Синхуа, тој изјави дека Кина ја поддржува темата на Самитот „Заедно закрепнуваме, закрепнуваме посилни“.
Како членка на Г-20, Кина активно учествува во меѓународната економска соработка и глобалното економско управување и работи со други страни за да поттикне силен глобален раст кој е одржлив, избалансиран и инклузивен, додаде Жаосу.