Рускиот претседател го опиша претседателот на САД како искусен државник и рече дека се договориле за враќање на амбасадорите
Претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, ги завршија состаноците во Женева, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери денеска беа на состаноци речиси четири часа, прво во потесен состав, а подоцна и во поширок, со вклучување на дополнителни претставници од обете страни, што траеше околу 65 минути.
По состаниците, прв прес-конференција одржа Путин, кој ги оцени како конструктивни разговорите со неговиот американски колега. Тој рече дека разговорите не биле непријателски, туку всушност биле прилично конструктивни, при што обете страни покажале подготвеност меѓусебно да се разберат.
Путин го опиша Бајден како искусен државник.
„Два часа разговаравме, а тоане можете да го направите со повеќето политичари. Тој значително се разликува од поранешниот претседател Доналд Трамп“,
оцени Путин.
Изјави дека се договориле со американскиот претседател за враќање на амбасадорите.
Во разговорите е разгледувана и стратегија за нуклеарна стабилност, регионалните конфликти како и трговски прашања.
Русија и САД, според Путин, се договориле за почеток на консултации за кибер-безбедноста.
Рускиот претседател рече и дека на средбата едвај станало збор за опозиционерот Алексеј Навални, кој е во затвор, при што воопшто не му изговори името, туку на него посочи како на „тој човек“. Обвинувајќи го Навални за намерно кршење на законот, Путин рече: Го направи она што сакаше да го направи.