Со денешната статистика на Министерството за здравство за новите случаи заболени со ковид-19 регистриран е првиот случај во Валандово.
*Поврзана вест: Нови 28 случаи на ковид-19, оздравени се 48 пациенти и еден е починат
Станува збор за лице што допатувало од странство и веднаш е спроведено во државен карантин во Битола според утврдените протоколи.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, за „360 степени“ вели дека според неговите информации лицето воопшто не било присутно во градот и немало контакти со негови сограѓани.
„Според она што засега го имам како информација, лицето е вратено од странство и согласно донесените протоколи веднаш е ставен во државен карантин распределен во Битола. Откако му се појавиле симптомите, лицето е тестирано и потврдено му е дека е позитивен на ковид-19“,
вели Костадинов.
Ова е прв случај на позитивен случај на ковид-19 од Валандово, но сепак внатре во градот засега нема активен заболен.
Според денешната статистика на Министерството за здравство во последниве 24 часа, дијагностицирани со ковид-19 се нови 28 лица. По градови, 11 лица се од Скопје, девет од Прилеп, три лица се регистрирани од Велес, по двајца во Куманово и Тетово и едно лице од Валандово.