Претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ изјави дека овие одлуки за напуштање и суспендирање на институциите остануваат во сила до моментот додека „Приштина не почне да го почитува меѓународното право и договорите од Брисел“
Шефот на кабинетот на претседателот на Косово, Блерим Вела оцени дека со повлекувањето на Србите од косовските институции е прекршен бриселскиот договор, односно дека Србија ги прекршила сите договори за распуштање на нејзините паралелни структури
Претставниците на Србите од северот на Косово денеска одлучија да ги напуштат институциите на Косово, откако односите меѓу Белград и Приштина повторно се вжештија по одлуката на косовските власти да продолжат со планот за пререгистрација на возилата со српски таблички.

Ова, како што пренесува регионалниот сервис на РСЕ, е одлучено по состанокот на претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, четворица градоначалници на општините на северот на Косово и претставници на сите косовски институции од северот на Косово, вклучително и вработени во судот, обвинителството и полицијата, што се одржа во Звечан.
„Одлучивме да ги напуштиме сите политички институции, Собранието, Владата и четири општини на северот на Косово, но и да го прекинеме учеството на Србите во судството, полицијата и административниот персонал во четирите општини на северот“,
рече претседателот на Српска листа, Ракиќ, партијата на Србите од северот на Косово која ја има поддршката од Белград.
Тој додаде дека овие одлуки за напуштање и суспендирање на институциите остануваат во сила до моментот додека „Приштина не почне да го почитува меѓународното право и договорите од Брисел“.
„Тоа конкретно значи, додека не ги повлече едностраните и незаконски одлуки за пререгистрација на регистарските таблички, додека не ја формира Заедницата на српските општини во согласност со првиот договор и сите други договори што беа склучени во рамките на дијалогот“,
се наведува во заклучоците од состанокот.
Во оваа прилика, Горан Ракиќ поднесе оставка од функцијата министер во владата на премиерот Албин Курти. И пратеникот Игор Симиќ изјави дека оставката ја поднесува во име на сите десет пратеници во Собранието на Косово.
Оставка поднесе и претседателот на Основниот суд во Митровица, Никола Кабашиќ, како и припадниците на косовската полиција од северот.

Шефот на кабинетот на претседателот на Косово, Блерим Вела оцени дека со повлекувањето на Србите од косовските институции е прекршен бриселскиот договор, односно дека Србија ги прекршила сите договори за распуштање на нејзините паралелни структури.
„Ваквото заплашување нема да успее! Косовските институции ќе останат мултиетнички и репрезентативни за сите заедници. Со тоа што ги принуди косовските Срби да ги напуштат косовските институции, Србија еднострано ги прекрши сите бриселски договори за распуштање на нејзините нелегални структури на Косово“,
напиша Вела на својот твитер-профил.
?With coercion of Kosovo Serbs to leave ?? institutions, #Serbia unilaterally violated all Brussels agreements on disbandment of its illegal structures in #Kosovo.
— Blerim Vela (@Blerim_Vela) November 5, 2022
Such intimidation will not work! ?? institutions will remain multiethnic and representative of all communities.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, како што пренесуваат српските медиуми, денеска одржа ненајавен телефонски разговор со американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, во кој рече дека Србија останува посветена на зачувување на мирот, почитување на меѓународното право и спроведување на потпишаните договори.
Вучиќ, како што се наведува во објавата на неговиот инстаграм-профил, на Хил му го пренел и „ужасеноста на Србите поради однесувањето на Косово и Метохија и едностраните потези на Приштина, кои ја доведуваат во прашање нивната безбедност и стабилноста на целиот регион“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ истиот ден се сретна со амбасадорите на Русија и Кина во Србија.
Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм по средбата со рускиот амбасадор Александар Бочан-Карченко напиша дека го информирал за „безбедносната ситуација“ на Косово, како и за „притисоците со кои се соочуваат Србите и Србија“.
По средбата со кинескиот амбасадор во Србија, Чен Бо тој соопшти дека „Србија продолжува да води одговорна политика на мир и стабилност, останува посветена на почитување на меѓународното право и целосно спроведување на досега постигнатите договори“.
Специјалниот претставник на Европската унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак денеска преку својот официјален твитер-профил соопшти дека синоќа имал „долг, тежок, но фер разговор” со српскиот претседател Александар Вучиќ, по новите тензии меѓу Белград и Приштина. Тој ги повика сите страни да покажат воздржаност, потенцирајќи дека насилството мора да се избегнува.