Лајчак ги повика сите страни да покажат воздржаност, потенцирајќи дека насилството мора да се избегнува
Вучиќ и Лајчак се сретнаа вчера во време кога повторно се зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина поради несогласувањата околу задолжителната пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички на Косово
Специјалниот претставник на Европската унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак денеска преку својот официјален твитер-профил соопшти дека синоќа имал „долг, тежок, но фер разговор” со српскиот претседател Александар Вучиќ, по новите тензии меѓу Белград и Приштина.
Лајчак ги повика сите страни да покажат воздржаност, потенцирајќи дека насилството мора да се избегнува.
„Сметам на одговорното однесување на сите да покажеме воздржаност заради безбедност и стабилност. Насилството мора да се избегнува. Се согласивме дека сите договори од дијалогот треба да се почитуваат и да се имплементираат“,
напиша Лајчак на Твитер.
Long and difficult, but fair discussion with @predsednikrs @avucic last night.
— Miroslav Lajčák (@MiroslavLajcak) November 5, 2022
I count on the responsible behavior of all to show restraint for security and stability. Violence must to be avoided.
Agreed that all Dialogue agreements have to be upheld and fully implemented. pic.twitter.com/8wUnW7nR0t
Вучиќ и Лајчак се сретнаа вчера во време кога повторно се зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина поради несогласувањата околу задолжителната пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички на Косово.
Српската листа, најсилната партија на северот на Косово, најави можност сите Срби да ги напуштат косовските институции на северот на Косово поради суспензијата на директорот на северната регионална дирекција на косовската полиција, Ненад Ѓуриќ. кој одби да ја спроведе одлуката на косовската влада за предупредување на сопствениците на возила со српски регистарски таблички.
Денеска српската влада одржува седница на која се разговара за последните случувања на Косово, а на која присустува и српскиот претседател, Вучиќ.