Организацијата, која е со седиште во Обединетото Кралство и која го следи ширењето материјали за злоупотреба на глобално ниво, соопшти дека проценила 6 310 слики генерирани со ВИ кои одговараат на правната дефиниција за сексуална злоупотреба на деца – што претставува зголемување од 40 отсто во однос на минатогодишната бројка од над 4 500

Содржини со сексуална злоупотреба на деца создадени со помош на вештачка интелигенција сè повеќе се појавуваат на Интернет, а бројот на таквите материјали откриени годинава веќе го надмина вкупниот број регистриран во текот на 2025 година, објави лондонски „Гардијан“
Аналитичарите од организацијата „Интернет воч фаундејшн“ (IWF) откриле повеќе фотореалистични материјали со сексуална злоупотреба на деца во првата половина на 2026 година отколку во текот на целата претходна година.
Организацијата, која е со седиште во Обединетото Кралство и која го следи ширењето на материјали за злоупотреба на глобално ниво, соопшти дека проценила 6 310 слики генерирани со ВИ кои одговараат на правната дефиниција за сексуална злоупотреба на деца – што претставува зголемување од 40 отсто во однос на минатогодишната бројка од над 4 500.
Според организацијата, бројот на случаи на материјали со сексуална злоупотреба на деца создадени со ВИ расте веќе неколку години, при што е забележан огромен пораст особено кај видеоматеријалите, иако најновите податоци на организацијата се однесуваат само на статични слики. Поголемиот дел од сликите што ги прегледале аналитичарите прикажувале девојчиња и деца на возраст од седум до 13 години.
Од „Интернет воч фаундејшн“ велат дека овие податоци ја истакнуваат потребата од нова законска регулатива за вештачката интелигенција.
Владата на Енди Бурнам не најавила дека наскоро ќе биде донесен нов закон посветен на оваа технологија.
Канишка Нарајан, министерот за вештачка интелигенција на Обединетото Кралство, изјави дека ниту една опција не е исклучена кога станува збор за нова регулатива, но дека критериумот за секој законодавен предлог ќе биде „дали тоа ќе ги направи британските граѓани побезбедни?“
Хана Свирски, раководителка за политики во „Интернет воч фаундејшн“, вели дека ги поддржува повиците на пратениците за „обврзувачки закон за вештачка интелигенција“ со кој компаниите би се обврзале да развиваат побезбедни модели.
„Обврска на технолошките компании е да создаваат алатки што не можат да се злоупотребат на овој начин“,
вели таа.
Материјалите со сексуална злоупотреба на деца генерирани со ВИ се нелегални во Обединетото Кралство, а владата исто така го забрани приспособувањето на моделите со ВИ за создавање материјали за злоупотреба, како и дистрибуцијата на такви модели до други лица. Развојот на модел дизајниран за производство на хиперреалистични материјали со сексуална злоупотреба на деца повлекува кривична казна до пет години затвор.
