Причината за повлекувањето не е наведена, но тоа следи по инцидентот на 27 септември, кога полицијата беше известена за три сомнителни возила во близина на воздухопловната база

САД ги повлекоа своите бомбардери „Б-1“ од британската воздухопловна база „Ферфорд“ и тие се вратени во нивните матични бази во САД, една недела по апсењето на неколку лица под сомнение за подготовка на терористички напади, соопшти претставник на Пентагон
Причината за повлекувањето не е наведена, но тоа следи по инцидентот на 27 септември, кога полицијата беше известена за три сомнителни возила во близина на воздухопловната база.
„Иако оперативната безбедност не ни дозволуваше во реално време да го потврдиме преместувањето на нашите сили и опрема, сега можеме да потврдиме дека сите американски бомбардери распоредени во ‘Ферфорд’ се вратија во своите матични бази во САД“,
напишал портпаролот на Пентагон во електронска порака.
Првично беа уапсени петмина мажи под сомнение за терористички дела во близина на базата, а подоцна беа пуштени на слобода со кауција. Подоцна беше уапсен и шести маж, државјанин на Обединетото Кралство и Иран, кој исто така беше пуштен на слобода со кауција.
Извори од владата во Лондон не ја оспорија информацијата дека одлуката на Вашингтон била реакција на инцидентот во воздухопловната база во Глостершир.
Би-би-си пишува дека станувало збор за воена, а не за политичка одлука, донесена на оперативно ниво и пренесена од американската војска до нејзините британски колеги.
Базата „Ферфорд“ се користи како истурена оперативна локација од страна на Американското воено воздухопловство (USAF). Во последните месеци, САД од оваа база испраќаа бомбардери „Б-1“ и „Б-52“ кон Блискиот Исток, откако Обединетото Кралство го одобри американското барање таа да се користи за одбранбени напади врз Иран.
Во јули, Иран изјави дека „секоја база што се користи за агресија врз иранска територија претставува легитимна цел за нашите сили“.
Неколку дена по инцидентот, а пред апсењето на шестиот маж, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави за „Фокс њуз“ дека во случајот „јасно е вмешана странска страна“.
