Нивното пуштање на слобода со кауција, се додава во написот на „Гардијан“ во кој се повикуваат на нивни извори, сугерира дека истражителите сметаат оти е малку веројатно тие да биле пред извршување на напад преку активирање бомба во близина на базата

Фото: EPA/NEIL HALL
Американскиот државен секретар Марко Рубио вели дека странски фактор е вмешан во наводниот заговор за бомбашки напад во британската воена база „Ферфорд“, само неколку часа откако петмината осомничени, уапсени во близина на базата, се пуштени на слобода со кауција, пишува „Гардијан“.
„Она што можеше да се случи во Обединетото Кралство за време на викендот претставува многу сериозна ситуација“,
вели Рубио во интервју за „Фокс њуз“ додавајќи дека во тоа јасно е вмешан странски фактор.
Сепак, како што се додава во написот, Рубио не понудил докази за своите тврдења.
Петмината мажи, сите британски државјани од Лондон на возраст од околу дваесетина години, беа приведени во неделата откако полицијата добила дојава од локален земјоделец за три бели комбиња кои се движеле кон „Ферфорд“ – британска база во која се стационирани американски бомбардери што извршуваат мисии против Иран.
Тие беа уапсени под сомнение за кривични дела поврзани со експлозивни направи и подготовка на терористички напад, при што евентуалната поврзаност со Иран е еден од клучните правци на истрагата.
Нивното пуштање на слобода со кауција, се додава во написот на „Гардијан“ во кој се повикуваат на нивни извори, сугерира дека истражителите сметаат оти е малку веројатно тие да биле пред извршување на напад преку активирање бомба во близина на базата.
Изразувајќи благодарност до британските власти за начинот на кој го третирале инцидентот, Рубио исто така рекол дека многу луѓе се „вознемирени што некои од овие лица, кои се под истрага, се пуштени на слобода со кауција“.
Претходно вчера, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека тој не би ги пуштил осомничените на слобода со кауција.
„Знаеме сè за нив. Ние не би ги пуштиле“,
рече Трамп.
На прашањето дали случајот е поврзан со Иран, Трамп одговори:
„Можеби е. Подобро да не го правам тоа. Мислам, го знам одговорот, би можел да бидам многу конкретен, но претпочитам да не кажам. Јас не би ги пуштил“.
Трамп претходно сугерираше дека американските власти знаеле за заговорот, но британски извори наведоа дека конкретните активности на мажите биле непознати.
Раководителот на полициската служба за борба против тероризмот во Обединетото Кралство, помошник-комесарот Лоренс Тејлор, изјави дека пуштањето на мажите на слобода со кауција не значи оти истрагата е завршена и дека тие подлежат на „строги услови“.
Вчера и британскиот министер за одбрана Вес Стритинг во изјава за Би-би-си рече дека безбедносните служби на Велика Британија однапред знаеле за групата мажи уапсени во врска со заговор за бомбашки напад врз базата „Ферфорд“ со што не ги негираше наводите на американскиот претседател Доналд Трамп дека групата била следена подолго време.
