Според пишувањата на „Гардијан“, по пребројувањето на речиси 100 отсто од гласовите, 45-годишниот син на поранешниот претседател, Жаир Болсонаро, освоил 47 проценти, што значи дека сега ќе се соочи во одлучувачка битка на 25 октомври со својот 80-годишен ривал. Лула добил 45,1 отсто

Претседателската трка во Бразил ќе продолжи во втор круг откако кандидатот на екстремната десница, Флавио Болсонаро, го победи актуелниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва, но не успеа да го обезбеди апсолутното мнозинство потребно за да се избегне дополнително гласање.
Според пишувањата на „Гардијан“, по пребројувањето на речиси 100 отсто од гласовите, 45-годишниот син на поранешниот претседател, Жаир Болсонаро, освоил 47 проценти, што значи дека сега ќе се соочи во одлучувачка битка на 25 октомври со својот 80-годишен ривал. Лула доби 45,1 отсто. Болсонаро освоил 56,1 милион гласови, наспроти 53,8 милиони за Лула.
Болсонаро влегува во вториот круг како голем фаворит и веројатно ќе добие дополнителна поддршка преку прелевање на гласовите од другите десничарски кандидати на изборите, меѓу кои беа Роналдо Кајадо, кој освоил 2,1 отсто, и Ренан Сантос, со освоени 2,2 проценти.
Екстремната десница во Бразил, како што се пишува „Гардијан“, постигнала резултати подобри од очекуваното, при што низа политичари од таборот на Болсонаро победиле на изборите за Конгресот или за гувернери на сојузните држави. Меѓу нив се вториот син на Жаир Болсонаро, Карлос Болсонаро, и неговата сопруга, Мишел Болсонаро, кои освоиле места во Сенатот. Најмладиот син на Болсонаро, Жаир Ренан, е избран во Долниот дом на Конгресот. Поранешниот министер за инфраструктура на Болсонаро, Тарсисио де Фреитас, е реизбран за гувернер на Сао Паоло, најнаселената и економски најважната сојузна држава во Бразил.
Од 54-те избрани сенатори, 34 доаѓаат од десницата или екстремната десница.
Флавио Болсонаро им порача на поддржувачите во главниот град Бразилија дека резултатот го означува „крајот на една ера“ за Работничката партија на Лула.
„Лула се натпреварувал на седум претседателски избори. Тој се грижи за власта. Јас се грижам за иднината на Бразил“,
рекол Болсонаро.
Обраќајќи се во Сао Паоло, Лула рекол дека ова е лекција за бразилската демократија.
„Резултатот честопати е неочекуван. Никогаш не можеме да го добиеме сè она што сме го посакувале. Ви признавам дека бев убеден оти ќе победам на изборите уште во првиот круг. Но, нè очекува втор круг“,
рекол тој.
