Осомничените се товарат за кривичното дело проневера во службата, кое го сториле така што целокупниот дневен промет за 2024 од продажните места на „Државна лотарија“ наместо да го уплатат на трансакциската сметка на државното акционерско друштво, тие си го присвоиле за себе
По вчерашната акција, спроведена со Управата за финансиска полиција, скопското Основно јавно обвинителство денеска отвори истражна постапка против директорка и шефица за финансии во „Државна лотарија“.

Како што соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, постојат основани сомневања дека двете како соизвршителки проневериле околу 80 милиони денари, односно околу 1,3 милиони евра.
Поради ова кривичното дело за кое е отворена истрагата е – проневера во службата од член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, двете осомничени делото го извршиле во текот на 2024 година, со намера за себе да прибават противправна имотна корист.
„Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија на Република Северна Македонија, вршејќи ги нивните посебни овластувања и должности определени со закон, заедно учествувале во дејствија на извршување на кривичното дело проневера со намера да прибават за себе противправна имотна корист“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Осомничените, како што се наведува, присвоиле износ од 79 989 444 денари, пари што им биле доверени во службата.
Тоа, според Обвинителството, го сториле така што целокупниот дневен промет за 2024 од продажните места на „Државна лотарија“ наместо да го уплатат на трансакциската сметка на државното акционерско друштво, тие си го присвоиле за себе.
„Како овластени лица за подигнување на готовински средства наменети за исплата на мали добивки и лица задолжени за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година кој им бил доверен од продажните места на АД „Државна Лотарија на РСМ“, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе. Дополнително, од банкарските сметки на АД Државна Лотарија на РСМ подигале парични средства кои исто така ги присвојувале за себе“,
наведуваат од Јавното обвинителство.
Поради околности кои укажуваат на опасност од бегство, фалсификување и уништување на трагите од кривичното дело, влијание врз сведоци, како и можност да го повторат, надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судија на поретходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, на двете осомничени да им биде одредена мерка притвор.
